Аматерскиот театар од Демир Капија имаше настап на драмскиот фестивал во Кочани
31-05-2013 КУЛТУРА

Аматерскиот театар при Домот на културата Мирка Гинова од Демир Капија, вчера успешно се претстави на Аматерскиот драмски фестивал изведувајки две претстави пред кочанската публика.

Младите актери ја изведоа детската сказна „Убавицата и шумскиот ѕвер“ во режија и драматизација  на писателот Мице Пашоевски. Возрасните актери успешно ја изведоа печалбарската пиеса „Парите се отепувачка“ од Ристе Крле, а во режија на Томе Атанасов.

Жири Комисијата во состав на актерите Изабела Новотни и Кристина  Атанасова Арсова, како и театарскиот организатор Русе Арсов, позитивно дадоа проценка и за двете изведени престави пофалувајки ги  актерите за успешно одиграните улоги, а посебно за активноста на Домот на културата Мирка Гинова од Демир Капија, кој годинава ја имаше таа среќа да настапи на овој фестивал со две пиеси  имајки  во предвид дека на овој фестивал биле пријавени за учество 46 пиеси подготвени од Домови и од Центри  за култура од ширум нашава земја.

На крајот на овој фестивал жири комисијата ќе ги истакне кои престави се најуспешно изведени и притоа ќе бидат доделени наградите и признанијата. Инаку, актерите при Аматерскиот театар од Демир Капија деновиве ќе продолжат со гостување со споменатите пиеси во градовите со кои Домот на Културата  има воспоставено културна соработка. На есен актерите ќе започнат со подготовки на нови пиеси за љубителите на драмската уметност од општината Демир Капија.

Петре Пашоев

 

Додади коментар