Водата во Тиквешко Езеро исправна за капење
01-08-2013 РЕГИОН

На прва и втора класа по бактериолошка исправност и на пета класа по матност и сатурација според правилникот за квалитет е водата во Тиквешкото Езеро. Ова го покажаа резултатите од анализата што Центарот за јавно здравје Кавадарци ја врши на водата од езерото.

“Водата е исправна и слободно може да се користи за капење. Иако по матност припаѓа на пета класа бактериолошки е максимално исправна. Нема некои поголеми отстапки споредено со минатата година. Ние редовно ја анализираме водата во езерото. Земаме мостри на вода од мај се до септември“ рече д-р Трајче Ризов, специјалист по хигиена од Центарот за јавно здравје Кавадарци.

Тиквешкото Езеро додека трае топлотниот бран во земјава е главно прибежиште од високите температури и место за разладување за кавадарчани, тиквешани, но и за многу други граѓани кои имаат викенд куќи на езерото.

И утре за големиот празник Илинден викендичките на езерото ќе бидат полни. Бидејќи овој празник многумина го минуваат на Тиквешкото Езеро. Посебно се празнува во месноста Голеш, каде верниците од оваа населба на езерото пред некоја година изградија и црква посветена на Свети Илија.

Ангел Данов



Додади коментар