Во Кавадарци промовирана ракометната академија „Вардар ДБ“
06-10-2014 СПОРТ

Амбициозниот проект „Страст за ракометот“ и дваесет и четвртата ракометна единица  на ракометниот клуб Вардар, која е дел од овој проект викендов беа претставени пред кавадаречката јавност.

„Целта за која денес сме собрани е пред се да го обзнаниме заживувањето на ракометот во Кавадарци и формирањето на градскиот ракометен клуб „Лозари“ кој веќе вчера го имаше својот прв натпревар, кој иако го изгубиме сепак претставува голем чекор во однос на она мртвило што се случуваше во ракометот во изминатите неколку години. Непосреден повод за денешната средба е и обзнанувањето на соработката која што ја воспоставуваме со ракометниот гигант во европски рамки, ракометниот клуб Вардар, при што Кавадарци ќе стане еден дел од нивната мрежа на младински категории, така што Кавадарци ќе биде регионален центар, еден од дваесет и четирите кои веќе функционираат во земјата.“ рече на прес конференцијата претседателот на градскиот ракометен клуб „Лозари“,  Зоран Јосифовски.

 

Проектот „Страст за ракометот“ и неговите цели ги претстави спортскиот директор на проектот,  Тања Недвед,  прославената ракометарка на „Кометал Ѓорче Петров“.

 

„Ракометниот клуб Вардар сака да биде силен на сите нивоа, па така и на овој проект насочен кон вложување во младите категории. Ракометната академија на Варадар подразбира ширење на оперативната мрежа низ цела Македонија се со цел да се создаваат врвни ракометари и ракометарки, на ниво на кое моментално се наоѓаат двете, и машката и женската екипа на Вардар. Целта на овие оперативни мрежи е со систематска работа да работиме со наши деца, и да им дадеме можност преку нашите регионални единици секое дете да се занимаваат со спорт преку ракометот, а од нив преку нашата систематска програма на работа да создаваме врвни играчи. Тоа подразбира дека ракометниот клуб Вардар ќе вложува не само во спортска опрема и реквизити, туку и организирање на регионални натпревари помеѓу регионалните единици кои во моментот се 24 на број, вклчучувајќи ја и оваа во Кавадарци. Формирана е ракометна школа Вардар ДБ овде во Кавадарци, па оваа прилика ја користам да ги повикам сите заинтересирани деца од 7 до 14 години да се запишат, а сите информации може да се добијат овде во клубот. Секако покрај натпреварите и помошта во опрема ќе придонесеме во подигнување на нивото на работата, како и во едукација на тренерите. Ќе ги користиме сите ресурси кои ги имаме во клубот, односно се она што е стучна работа, од припрема, план и програма на физички план, но и на технички и тактички план, систематизација на работа, па се до синхронизирање на работата на сите регионални единици, со што ќе преминине кон унифициран начин на работа, се со цел да ја подигнеме работата со младите ракометари на многу повисоко ниво од она што било до сега. Сакам да повторам уште еднаш, наша цел е да формираме македонска екипа на ниво кое сега го имаат нашите две сениорски екипи“. Рече Недвед.

 

Кавадарци влегува во проектот „Страст за ракометот“ под покровителство на македонскиот ракометен гигант Вардар. Целта е втемелување на вистински навики и градење на тимски и спортски дух кај децата, како и континуирано следење на развојот на овие деца кои ќе решат да се занимаваат со ракомет, преку организирање на зимски и летни кампови преку ракометната академија на Вардар.

„Кавадарци и Македонија е поднебје каде има одлична клима за развој на ракометот и затоа треба правилно да ги насочиме сите млади кадри кои сакаат да се занимаваат со овој спорт. Нека е со среќа, да биде за многу години и се надевам дека Кавадарци ќе успее преку оваа ракометна академија да добие повторно репрезентативци од типот на нашиот ас Петар Ангелов - Диви кој што е еден од виновниците за оваа работа, бидејќи тој го „туркаше“ овој проект“ рече Зоран Јованчев, член на управниот одбор на градскиот ракометен клуб „Лозари“.

 

 Свое видување за почетокот на работата на ракометната школа Вардар ДБ имаа и кавадаречката и македонска ракометна ѕвезда, Петар Ангелов, како и неговиот соиграч, крилото Тимур Дибиров, кои неколку часови по феноменалната партија против Чеховски Медведи, допатуваа на промоцијата во Кавадарци.

„Па како што кажа самата управа, почнува во Кавадарци да се развива ракометот. Еве отворивме и ракометна школа. Сакаме да го вратиме Кавадарци, да ги вратиме оние времиња каде што беше ракометот. Мислам дека правиме добар проект под покровителство на ракометниот клуб Вардар. Значи ова е проект кој што треба да значи многу за Кавадарци, но и за македонскиот ракомет. Ваквите школи функционираат низ Европа и низ Македонија. Кавадарци немаше ваков проект, и затоа под покровителство на РК Вардар сакаме да направиме нешто добро, и мислам дека ќе излезе нешто добро. – рече Ангелов.

Уписите за идните ракометни ѕвезди родени во периодот од 2000 до 2007 година веќе се во тек, и истите ќе траат до 15 октомври. 

А.Д

Додади коментар