Грипот започна да се шири

 

Минатата недела во Институтот за јавно здравје се регистрирани над 2000 болни од грип, двојно повеќе од претходната седмица.

Според епидемиолозите иако бројот на грипозни е зголемен пикот на грипот допрва се очекува.

 

-Пикот на заболување го очекуваме на средината на февруари, изјави прим. д-р Жарко Караџовски, епидемиолог во ИЈЗ

 

Инаку оваа сезона во лабораторијата на Институтот за јавно здравје потврдено е дека во земјава циркулираат вируси на грип и од А и од Б типот. Досега се пријавени околу 5.500 болни.

 

Во центарот за јавно здравје Кавадарци во текот на денешниот ден ќе го сумираат бројот на нови заболени од грип во текот на минатата недела.

 

Општите мерки за заштита од грип се мерки кои се насочени кон сите акутни респираторни заболувања и може да се од голема корист, особено ако се применуваат во текот на целиот зимски период – велат од Институот за јавно здравје.

 

Епидемиолозите советуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни - кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура!, Често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекционо средство! Да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат!• Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи! Да се пијат топли напитоци (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимон. Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (цитрони, лимони, портокали, пиперка). Доколку не се располага секогаш со свежи прехранбени продукти, може да се користат и мултивитамински напитоци и препарати.

 

• Како дополнителни средства може да се користат препарати на база на прополис, ехинацеа, мед, ѓумбир, лук и сл.

 

• Практикување на здрав начин на живот и здрави навики, вклучително добар сон и одмор, здрава храна, одржувајте ја физичката и психичката активност, намалете го стресот. Силниот имунитет ќе ви помогне да останете здрави или полесно да се справите со грипот и заболувањата слични на грип.

 

Во ИЗЈ велат дека сепак, дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да заболите од грип или заболување слично на грип.

Додади коментар