Жбогар: Локалните избори тест и за власта и за опозицијата

 

Евроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека претстојните локални избори ќе бидат тест и за власта и за опозицијата. Во интервју за Телма тој вели дека „ќе има нула толеранција за какви било нерегуларности или инциденти на изборите“.

 

Во врска со европското знаменце на предлог законот за употреба на јазиците, што опшозицијата смета дека е поставено само за да се протурка побрзо законот, евроамбасадорот вели дека одлуката за тоа ја донела Владата. Според него, Брисел сепак очекува конкретни промени, а не само декларативни за да се приближи Македонија кон ЕУ.

 

-Со доаѓањето на новата Влада се гледа ослободување на оптимизам и тоа го споделува и Брисел. Гледаме дека се навистина посветени искрено да спроведат реформи… И Прибе во извештајот забележува дека луѓето биле поотворени во оценките и коментарите… Ова создава одреден оптимизам дека можеби ќе имаме добри вести за земјата кои долго ги очекуваме, вели Жбогар.

 

Според него тешко е да се предвиди дали Македонија ќе успее да започне преговори за пристапување следната година, како што најави премиерот Заев. Тој истакнува дека има очекувања и во Брисел, затоа што како што вели Жбогар, гледаат дека „Владата е подготвена за реформи, како се отворија кон соседите, прво Бугарија, а сега овие интензивни контакти со Грција“.

 

-Се менува атмосферата во овие односи. Ќе видиме како во наредната година ќе движат односите со реформите и со односите со соседите. Нашата цел треба да биде следната година да биде добра година, вели евроамбасадорот Жбогар во интервју за Телма.

Додади коментар