Заврши реконструкцијата на најстарата зграда во Кавадарци
16-09-2015 РЕГИОН

Станарите кои живеат во најстарата зграда во Кавадарци, изградена во почетокот на шеесетите години на минатиот век зимава ќе имаат пониски сметки за струја, но и потопли домови. Тие се вклучија во проектот на ХАБИТАТ и ја реконструираа фасадата на зградата, ги заменија старите прозорци и врати со нови ПВЦ и напрација нов покрив.

Сопствениците на станови се задоволни од оваа инвестиција и сметаат дека е исплатлива, а од ХАБИТАТ најавуваат дека во наредниот период ќе реконструират уште две згради во центарот на Кавадарци.

 

Денеска градоначалникот на општина Кавадарци и претставници на ХАБИТАТ беа во посета на овој реконструиран објект.

Локалната самоуправа го помага овој проект со 20 отсто од вкупната сума за реконструкција. Од таму најавуваат дека доколку се зголемува интересот кај граѓаните кои живеат во колективни станбени згради општината може да го зголеми своето учество.

„Еден стар објект доби едно ново руво. Кавадарци е на добар пат за наредната година, годинаипол, оние згради кои се во центарот да си ја сменат својата фасада, односно да постават термо фасада и да заштедат на енергијата.“ рече градоначалникот Александар Панов.

 

Од ХАБИТАТ се задоволни од финишот на овој проект на првата зграда.

„ Станарите ги пропознаа европските трендови и процеси во областа на заштеда на енергија, особено во делот на домувањето. Енергетската ефикасност како концепт кој е модерен и популарен последните години можеме да ја гледаме низ призма на заштеди во транспоротт, индустријата, но запштедите во секторот домување се најкоплексните за решавање, главно затоа шпто приватизираниот стамбен фонд во Македонија очекува и бара согласност на многу субјекти за да се пристапи кон интервенција. Овој модел е едно мултилатерално партнерство, УСАИД како донатор, ХАБИТАТ како имплементатор, општината како кофинансиер и станарите како соптвеници кои делумно на кредит, а делумно со подршка на општината ја реновираат зградата до степен да стане енергетски ефикасна“ рече Зоран Костовски од ХАБИТАТ.

Станарите искажаа благодарност за подршката но и апел нивниот пример да го следат и останатите станари во зградите во Кавадарци.

Ангел Данов



Додади коментар