Загина тракторист на работното место

Околу 9 часот утринава во несреќен случај загина 59 годишниот кавадаречанец Митре Димов, работник во подружницата на ШС „Бор“ Кавадарци.

Педесет и девет годишниот тракторист штом стигнал на работното место заминал кон техничката работилница за да го пријави дефектот на тракторската приколица. Но, додека се изведувале работите се активирала и откачила една полуга  од металната конструкција и го удрила Митре во пределот на главата. Тоа се случило многу бргу за само неколку секунди. Кога неговите колеги се завртеле виделе дека Митре бил тешко повреден и лежел на подот во работилницата.

- Сега починатиот работел на отстранување на дефект на товарна приколка, кога дошло до излетување на железен клин кој го погодил во пределот на лицето, поточно во главата, рече портпаролот на СВР Велес, Ненко Александров.

Вработените веднаш интервенирале, повикале брза помош а Митре итно бил пренесен во кавадаречката болница. Тој починал и покрај брзата интервенција на лекарите од сериозни повреди на главата.

Дополнително ќе се утврдуваат причините за оваа несреќа. Нив ќе ги даде истрагата откако денеска е направен увид на лице место од страна на полицијата, истражен судија, јавен обвинител и трудов инспектор од Кавадарци.

Додади коментар