Изложба на Виолета Силјан во Неготино
11-08-2016 КУЛТУРА

Во Музејот  на град Неготино во рамки на годишната програма за 2016 година синоќа беше  отворена   ликовната  изложба со наслов,,Дивиот трендафил’’ од сликарот  Виолета Силјан организирана во  соработка со Музеј на град Скопје.

Изложбата е јубилејна и го претставува 30 годишното  плодно творење на уметникот.

 

 Виолета Силјан е родена во 1956 година во Тетово. Училиште за применета уметност, на Одделот за сликарство, завршила во класата на проф. Родољуб Анастасов во 1976 година. Во 1986 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, на Одделот за графика,  во класата на профе¬сорите Драгутин Аврамовски-Гуте и Димитар Малиданов.

Делата го претставуваат нејзиниот последен циклус насловен како ,,Дивиот трендафил’’ кој според својот есенцијален концепт нуди содржина која е темелена на идентитетот на жената, т.е. на метафората на женскотo писмо.

 

Генерално, стилскиот сликарски опус на Силјан е во духот на поетскиот, толкуван и како романтичарски експресионизам. Нејзиниот централен мотив  е женскиот субјект. Тој е поединечно или групно третиран од различни просторни ракурси, проследени со атрибутите кои и  се иманентни на  нејзиното битие. 

 

Најголемиот број слики на Силјан во извесна смисла се автореферентни, така што со низата  интимни приказни таа успеа да ја исткае мрежата од лично доживеаните „настани“ низ различните временски периоди.  Со раскошниот  комплементарен изблик, во кој се чувствува енергијата на гласот и мирисот на боите, низ колористичка експресија и експанзија, експлицитно, но селективно, авторката ни ја манифестира убавината на радоста, но и на страста од творечкото живеење. 

 

Творештвото на Виолета Силјан претставува  потрага и потврда на нејзиниот автентичен уметнички идентитет. Со  посредство на материјата, т.е. со топлата музикално развиена колоратура, без цизелирање на детаљите на мотивите, таа се обидува  да ја  воспостави релацијата со скриената суштина на битието  и  да го еманира  поинаквиот вид отвореност и радост кон животот.

Од 1986 година Силјан  е член на ДЛУМ. Има реализирано повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и во држави од балканскиот простор . Во  творечкото  портфолио  значајно место обезбедиле  наградите и заслугите покрај за сликарството и  за нејзиното графичко творење.

 

Изложбата ќе биде отворена за посетителите и во наредните десет дена.

Додади коментар