Кавадарци го празнува Свети Трифун - симболично се закрои виновата лоза
14-02-2018 РЕГИОН

По повод празникот Свети Трифун Кавадарци денеска беше домаќин на шефот на државата, Иванов на премиерот Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и амбасадори.

 

 

 Со молитва до Свети Трифун денеска симболично се закрои виновата лоза во македонскиот центар на лозарството Кавадарци. Чинот на закројување го извршија претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, градоначалникот Митко Јанчев, Митрополитот на Повардарската Епархија г.Агатангел и пратеникот Панчо Миниов на импровизиран лозов насад на градскиот плоштад.

 

 

Како што налага традицијата, на симболичното закројување претходеше литургија со која чиноначалствуваше повардарскиот митрополит, лозата се поеа со вино. Беше упатена едногласна порака и молитва, лозјата да родат квалитетно гројзе, родот да се плати, а Свети Трифун да ги штити лозјата од болести и штетници.

 

„На лозарите и винарите во духот на нашата традиција да посакаме Свети Трифун да им донесе многу бериќет, а на винарите квалитет. Годината да биде родна и благородна. Годината да биде успешна не само за лозарите и винарите туку и за сите нас. Посакувам годината да донесе и многу вино кое ќе ни биде секој пат при рака кога треба да одбележуваме настани и да се радуваме на животот“ порача пред кавадарчани шефот на државата.

 

 

И градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев им го честита празникот на лозарите и винарите и посака бериќетна година за сите.

 

 

 

„Денеска е голем празник за Кавадарци. Празникот Свети Трифун е заштитник на виновата лоза. Празникот е еден убав дел од нашето минато и треба да биде убав дел од нашата иднина. Овој Свети Трифун нека биде почеток на една нова ситуација во лозарството за едни нови стандарди. Винарските визби да бидат тие кои ќе прават добро вино, лозарите добро грозје, а државата да биде таа која ќе не заштити заедно со општината родот на грозје да се плаќа на време. Како градоначалник и лозаро производител да ви кажам дека ми е чест и задоволство една ваква убава општина со убав народ да ја закроиме оваа лоза и да покажеме дека ќе имаме бериќетна година“ рече Јанчев.

 

По повод празникот Свети Трифун Кавадарци денеска беше домаќин на шефот на државата, Иванов на премиерот Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и амбасадори.

 

 

 

Премиерот и претседателот беа пречекани од локалната власт пред општинската зграда, а потоа беа на свечен прием по повод празникот во општинската сала каде градоначалникот Јанчев ги запозна првите луѓе во државата со работењето на општина Кавадарци и за идните проекти кои треба да се реализираат. Јанчев ја нагласи успешната соработка со советот на општината.

 

Високите гости во Кавадарци ја имаа можноста да прошетаат и по штандовите на винариите и да ги дегустираат кавадаречките вина.

 

Прослвата на Свети Трифун продолжува и вечерва во Кавадарци. За помладите целовечерен концерт ќе има Владо Јаневски, а пред полноќ ќе следи настап и диџеи.

 

 

 

Ангел Данов

danovangel@gmail.com

 

 

 

Додади коментар