Кошаркарите на „Фени“ го совладаа „Куманово“
14-10-2015 СПОРТ

Со резултат 96:81 заврши натпреварот помеѓу КК „Фени индустри“ и „Куманово“ што синоќа се играше во с.с „Јасмин“ во Кавадарци. Кошаркарите на Фени Индустри покажаа и докажаа дека имаат квалитет и капацитет да се борат и против најдобрите. Тие во целост им се реваншираа за поразот на меморијалот „Димитар Ѓорѓиев“ што се одржа пред почетокот на првенството.

 

Фантастичното прво полувреме кое избраниците на Малинков го завршија со неверојатни 57 поени, од кои 27 постигнати во првиот период и уште 30 во вториот, или ако повеќе сакате неверојатната серија од 16-0 му донесоа високи и сосема заслужени 20 поени предност на домашните играчи.

Но, и покрај големото резултатско заостанување кумановци беа решени во второто полувреме да го направат многу поинтересно, но нивните добри серии навреме беа прекинувани од кавадаречките кошаркари кои покрај тимската игра покажаа цврст карактер и психолошка сила во моментите кога противникот ја спушташе предноста под 10 поени.

 

Конечната победа од 96-81 на крајот беше само заслужен епилог за целиот колектив, кој земајќи го она што беше прикажано на теренот, но и она што го говори статистиката можеби прв пат по долго време покажа компактност и неверојатен тимски дух. Вистинска потврда за ова е и фактот што сите осуммина играчи кои беа дел од ротацијата на Малинков успеаа да се запишат во листата на стрелците, од кои дури шест со двоцифрен број на поени. Меѓу нив најефикасени беа „резервистите“ Ивеља со 21 и капитенот Самарџиев со 17 поени, Николовски постигна 16, а Враговиќ 15.

 

Додади коментар