Кошаркарите на „Фени“ поразени од Карпош Соколи
16-02-2015 СПОРТ

Сите може да имаат лош ден, па дури и кошаркарите на Фени Индустри. Непрепознатливи, без решение во одбраната и нападот, избраниците на Малинков доживеаа голем пораз од Карпош Соколи, кој со убедливиот триумф од 100-78 ја потврди својата кандидатура за висок пласман.

Неверојатните 63 поени кои за само едно полувреме ги постигнаа кошаркарите на Карпош Соколи говорат како играше Фени во дефанзивата, иако не беше ништо поразлично ни во офанзива каде ефектот за 20 минути беше сведен на прескромни 31 поен.

Во второто полувреме, избраниците на Љупчо Малинков ја поправија играта пред се во нападот, па предводени од искусниот Тони Симиќ  успеаа да надополнат дел од негативата, но не и да го избегнат високиот пораз од 100-78.

Дариус Рајс и Игор Мијајловиќ беа предводници на победата на Соколи и со по 4 постигнати тројки искомбинираа 44 поени. Меѓу поистакнатите беа и Паловски, Ворен и Васиќ, а во тимот на Александар Петровиќ дебитираше и новото засилување Стефан Николиќ. Кај Фени Индустри, Тони Симиќ со 15 поени беше најпрецизен, додека двоцифрени беа уште Јововиќ и Караџовски со 13, односно 10 поени.

Додади коментар