Куче нападна мајка со петмесечно бебе

Куче нападна мајка со петмесечно бебе, реагира денес матичниот лекар Ратко Грков во Неготино. Кучето од сортата “ротвајлер” кое не било врзано и не носело заштитна маска ги нападнало ненадејно  додека мајката го шетала бебето со количка.

            -Кучето најпрвин се нафрлило на бебето во количката и почнало да го влече ќебенцето со кое тоа било покриено. Мајката почнала да писка и да ја врти количката наваму натаму со цел да го оттргне своето бебе од разгневеното куче-рече Грков.

            Но тоа не било се.

            -Тогаш кучето се свртело кон мајката, ја нападнало и ја кутнало на земја при што се здобила со повреди на лактот при влечењето на земја. Продолжило да ја тегне и да лае.  Таа во еден момент инстинктивно ја подала раката кон него со намера да си го одбрани детето но и самата себеси. Тогаш разлутениот ротвајлер и откинал прамен од косата во широчина од 5 сантиметри, напред на главата околу челото. Тоа освен страшната болка предизвикало и црвенило на нејзината глава-кажа докторот.

            Додека мајката се борела со кучето за да го спаси своето чедо животното успеало да ја преврти бебешката количка а бебето излетало од количката и се удрило по главата при што се здобило со хематом.

            Се се случувало за кратко време. Мајката пискала за целото време а плачело и бебето иако не било свесно што навистина се случува. Трагичната драма која се случувала ја забележале работници кои работеле во близина. Тие панично најпрвин викале по кучето да се тргне и да ги остави жената и детето на мира,  па потрчале да ги отргнат од него. Во истиот момент дотрчала и газдарицата на ротвајлерот која и самата на почетокот не можела да го оттргне но потао  го врзала со синџир и го оттргнала од несреќната жена.

            Грков вели дека неговата пациентка многу тешко го преживеала овој инцидент. Постојано била вознемирена, испаничена и плачела.

            -На бебето веднаш му ја исчистивме раната на главата и му направивме тинктура со која ќе се мачка за да се намали отокот. На мајката и дадов две ампули диазепам и и ја санирав повредата од откорнувањето на косата. Но дупката од недостаток на коса си остана. Таа сеуште не може да се прибере и да си дојде на себе од страв-додаде тој.

            Според Грков ова не бил прв напад на куче во Тиквешко па заради тоа апелира до надлежните да превземат се што е во нивна надлежност за да ги заштитат граѓаните како од бездомните кучиња така и од оние кои имаат газди а шетаат наоколу без синџири и маски. Во името на нападнатите, најави тужба за несовесната газдарица.

 Портпаролот на СВР Велес Анита Стојковска потврди дека навистина во текот на вчерашниот ден во Неготино констатиран е прекршок „држење животни-куче без заштитна маска“ предвиден во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. 47 годишна неготинчанка  додека го водела своето куче од расата „ротвајлер“ без заштитна маска , кучето нападнало жена која во моментот се шетала со своето бебе , при што се здобила со видливи повреди.

-Изготвен е записник за констатиран прекршок и ќе биде поднесен соодветен поднесок-стои во одговорот од Стојковска.

 

С.Д.

Додади коментар