МЗШВ: Исплатени 125 милиони денари за субвенции, продолжува поддршката за земјоделците

Околу 125 милиони денари се исплатија во текот на минатата недела за субвенции за земјоделство. Најголемиот дел или околу 61 милиони денари се за субвенции за дополнителна финансиска поддршка за сертифициран семенски материјал, 35 милиони денари за субвенција за литар предадено млеко, над 17 милиони денари се субвенции за предаден зеленчук во преработувачки капацитети.

 

Остатокот од исплатените субвенции се за различни земјоделски сектори. Во моментов се обработуваат решенијата за исплата на преостанатите субвенции за 2016 година, по што наскоро ќе следува исплата. Од 1 јуни до сега се исплатени над 60 милиони евра за субвенции, кои легнаа директно на сметките на околу 50 илјади земјоделци.

 

Во моментов формираните работни групи во МЗШВ, интензивно работат на подготовка на петгодишната Национална програма за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во која што ќе бидат преточни сите мерки од Програмата на Владата, кои опфаќаат зголемување на субвенциите за земјоделците. Финансиската поддршка за земјоделството од следната година ќе изнесува 160 милиони евра, сума која што ќе биде соодветено распределна во секоја земјоделска гранка.

 

Дел од мерките од Програмата на Владата, се реализираа уште во првите 100 дена. За 10 проценти се зголеми субвенцијата за хектар површини со лозови и овошни насади, фуражни и градинарски култури, мерка која е дел од најавеното 20 процентно зголемување во следните четери години. Со измени на Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се обезбедија дополнителни 10 милиони евра за активни мерки за поддршка на земјоделците.

 

Развојот на земјоделството и во следниот период ќе биде во фокусот на Владата, а преку обезбедување на повеќе пари за земјоделците, ќе придонесеме за унапредување на земјоделското производство и крајно на севкупниот економски напредок. Субвенциите се мерка која што е загарантирана со Законот за земјоделство и рурален развој. Основна цел на субвенциите е развој и модернизирање на земјоделското производство, поради што МЗШВ изминативе три месеци интензивно работи на долгорочни стратегии за зголемување на ефикасноста на субвенциите и нивниот позитивен импакт во земјоделството.

 

Фактот што изминатите години се издвојуваа милиони евра за директна финансиска поддршка, а и натаму имаме пораст на увозот на земјоделско-прехрамбени производи, намалување или стагнирање на земјоделски површини, приноси и број на добиток, е доволен доказ дека нешто не е во ред со досегашниот модел на субвенционирање. За таа цел заедно со Светска банка ќе спроведеме анализа на досегашната ефикасност на субвенциите. - се вели во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Додади коментар