На 100 фотографии развојот на лозарството во Тиквешијата
16-02-2016 КУЛТУРА

Непрегледни плантажи на лозја, берба на грозје, преработка, точење  на шира и вино, убави берачки  полни кошници и плетени кошеви со зрело грозје, портрети на најголемите винари неперегледни колони натоварени со грозје  во родните години на кои со задоволство се сеќаваат кавадаречани беа дел од  изложбата на фотографии што по повод  празникот на лозарите Свети Трифун беше отворена  во Новиот музеј на предмети и материјали со кои се произведувала и преработувала тиквешка храна во Кавадарци. Изложбата  на  фотографии  е под наслов „Историскиот развој на лозарството во Тиквешијата“ на авторот Петре Камчевски кустос советник  историчар  и директор во Музеј галеријата  и го опфаќа периодот од античко време па се до осумдесетите години од минатиот век.

 

На оваа област тој истражува повеќе од десет години што резултираше со објавување на богата монографија со наслов „Лозарството и винарството во Тиквешијата низ историјата“во 2007 година. На  изложбата  на сто фотографии е  раскажана најдолгата приказна за одгледувањето на виновата лоза  во Кавадарци како центар на Тиквешиојата. Најстарите фотографии датирааат  од античкиот период за што сведачат многубројни артефакти, антички стели, рељефи и мозаици пронајдени во антички локалитети во Тиквешијата. Бројни претстави изработени во камен, мермер и теракота со претстави на грозје и винова лоза денес се наоѓаат во музеите во Кавадарци и Неготино.  Една од фотографиите е минијатура на средновековна вазна од 11 век  пронајдена од Димитар Ризов од Ваташа со претства на берба на грозје која денеска се чува во библиотеката на Ватикан .

 

               -Иако во периодот кога Македонија потпаѓа под турска власт се намалува развојот на лозарството  од друга страна се збогатува сортиментот со нови сорти на грозје донесени од Мала Азија како што се: афус-али, чафкариче, чауш, малвазија, султанија и други За тоа кое село  или поголема населба колку грозје произведувало во Османслиското царство може да се види од од опширните пописни тефтери на Ќустендилскиот Солунскиот вилает во кои се наоѓале 70 села од Тиквешиојата. Данокот за производство на грозје се викал Ушир( десеток) на шира а најголеми производители биле селата: Хохово, Ваташа, Ресава, Бошава, Дреново, Моклиште, Сопот, Раштани и Возарци. За виното произведено во селото Ресава се говорело дека било толку густо што можело да се носи во крпа. Имало толку родни години што населението не знаело што да прави со виното па не ретко со него правеле плитари за куќите и плевните. Остатоци од тие куќи и денес има во селото Ресава – ни објаснува Петре Камчевски. Најдоброто вино се произведувало во визбите на Полошкиот, Моклишкиот и Бошавскиот манастир каде главните винари биле игумените . Тоа вино го продавале по добра цена но никогаш не ја откривале тајната како се прави виното – додава Камчевски.

 

       За големиот број лозови насади и за  убавото тиквешко вино пишувале бројните познати светски патеписци како: Евлија Челебија, Ами Буе, Јохан Хан, Александар Башмаков, Николај Сурин, Јова Цвијиќ, Фран Туќан и други. Виното во прво време се извезувало на пазарите во Скопје, Битола, Прилеп, Крушево и Кичево а подоцна на каравани од камили, коњи и маски со мешини се извезувало во Солун и Јужна Србија како и во Белград. Особено силен подем лозарството во Тиквешијата доживеало по изградбата на пругата Скопје- Солун во 1874 година. Постојат податоци, ни открива Камчевски дека во 1860 година само во Кавадарци  било регистрирано производство од 600 000 оки грозје а во посебно родните години и до еден и два милиони оки. Во тоа време во Тиквешијата се одгледувале сортите: никодинка, нишавка, тиквешка лоза, мустеник, малвазија, пармак и други а најпознати трговци и производители на грозје и ракија  во кавадаречко биле: Александар Велков, Пане Велков, Ѓорѓи Бошков, Јанаќи Данев, Ѓорѓи В’чков, Тодор Велков, Ефтим манев и други. Познатоа е вели Петре Камчевски дека првото поголемо претпријатие за производство на вино и ракија била винаријата „Тиквеш“ на Александар Велков во 1885 година.

 

          -Интересно е да се спомене кога се во прашање исклучително родните години дека во 1982 година во винарската визба „Тиквеш“ се преработиле 75 милиони килограми грозјешто е рекордна година до денеска . Тоа е година во која целиот град мирисаше на шира, непрегледни беа колоните натоварени со грозје а беше наполнет и градскиот базен.-вели Камчевски додека најлошите години лозарството ги има во периодот од 1914 до 1918 година кога цели лозови насади биле уништени од болеста филоксера. Токму од ови причини 1920 година бил подигнат „Лозов расадник“ најголемата работна организацијаво тоа време која имала задача да произбведува калеми на американска подлога отпорна на филоксера.

 

Мирјана Мукаетова  

Додади коментар