Неготино ги започна подгототвките за Свети Трифун
10-01-2018 РЕГИОН

Во присуство на претставници на локалната самоуправа, лозари, винарии, енолози, здруженија на граѓани, образовни установи, фолклорни друштва и други, во големата сала на општината се одржа првиот состанок за организирање на манифестацијата Недела на виното – Свети Трифун, на кој присутните беа запознати со изготвената предлог-програма за одбележување на празникот на лозарите, при што и самите имаа можност да дадат прелиминарни забелешки и предлози.

 

 

Според предлог-агендата, оваа година манифестацијата е предвидено да трае 3 дена со бројни активности кои ќе се одржуваат во деновите понеделник, вторник и среда ( 12, 13 и 14 февруари ).

 

Општина Неготино за оваа година предложи спроведување на повеќе нови проекти во рамките на манифестацијата, меѓу кои одржување едукативен настан поврзан со вино и грозје- вино терапија и унапредување на можностите за користење на виното и грозјето во козметичката индустрија, организирање на дводневна работилница на ракотворби за вино, декорации на маса за вино и работилници за подготовка на храна, како и отворање на ликовно-копаничарско ателје за креирање препознатлив експонат, а нема да изостане и традиционалната копаничарска изложба.

 

Исто така, како новина се планира организирање на социјални и спортско-натпреварувачки игри и забава со реквизити за производство и складирање на вино , одржување на хуманитарен базар, музичко ликовен уличен перформанс, збогатување на трајна етно-винска поставка во винскиот дел на Музејот на град Неготино, можност за организирање на тридневна тура во регионот, настапи на фолкорни друштва, денс групи и други музичари. Основна цел е да се понуди програма со содржини која ќе предизвика интерес кај сите генерации граѓани, како и присуство на гости од земјава и странство.

 

Главна новина која се предлага од општина Неготино, а во зависност нормално од временските услови е тоа што на самиот ден на одбележување на „Св. Трифун“ – 14-ти февруари на градскиот плоштад програмата се планира да започне претпладне и да трае целодневно .Во вечерните часови пак се планира забавата да продолжи на Старата градска чаршија . Се разбира ќе бидат застапени и други настани кои и во минатите години беа карактеристични за оваа манифестација со главен акцент на виното. Од општина Неготино информираат дека станува збор за предлог-програма која е подложна на измени и дополнувања, па токму затоа и во наредниот период ќе следува организирање на други состаноци на кои ќе се дефинира што точно ќе содржи програмата.

 

Општина Неготино во следниот период очекува поголема зиантересираност токму од винариите , од угостителите и од останатиот приватен сектор од кои се очекува да дадат значаен придонес во севкупната организација за оваа манифестација .

 

Главната цел е во текот на трите дена од одбележувањето на празникот во Неготино да се привлечат што е можно повеќе гости од регионот, земјава и странство а со тоа манифестацијата да се издигне на ниво на препознатлива стопанско-туристичка манифестација.

Додади коментар