НОВА ИЗЛОЖБА НА РИСТО СОКОЛОВ СОКОЛ
02-09-2013 КУЛТУРА

                  

 Еден од најпознатите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол ќе има нова самостојна изложба. На 6 септември 2013 со почеток од 20 часот во изложбените салони на “Музеј – Галерија“ Кавадарци ретроспективно ќе бидат изложени 50-тина дела настанати последните 5 години. Во различни техники и материјали од обемното творештво на Ристо Соколов Сокол пред ликовната јавност, меѓу другите ќе се најдат дела од неговите циклуси “Траги“ и “Некогаш и денес“ работени со природни материјали, каде авторот се јавува како иноватор во техничка и материјална смисла, создавајќи ликовна уметност на начин како тоа го правеле старите мајстори, надоградувајќи го сето со сопствен оригинален и имагинативен набој, редок на македонската ликовна сцена. Речиси една третина од изложените дела првпат ќе бидат претставени пред кавадаречката и македонската ликовна јавност.

Оригиналноста и квалитетот на ликовната уметност на Ристо Соколов Сокол се доволна причина неговата нова ликовна изложба да биде еден од ликовните настани кои ќе ја одбележат килтурната и уметничката година во Кавадарци. Исто како и претходните негови ликовни претставувања се очекува оваа негова ретроспективна поставка да биде претставена во повеќе еминентни галериски простори низ Македонија.

Инаку Ристо Соколов Сокол е роден 1957 година во с. Дреново. Училиште за применета уметност завршува 1978 во Скопје. Факултет за ликовни уметности Скопје на отсекот за графика кај професорот Димитар Малиданов и графички дизајн кај професорот Костадин Танчев Динка завршува 1988, како студент на генерацијата на отсекот графика.

Има зад себе над петнаесет самостојни изложби во Македонија и странство, а е познат како врвен изведувач на ликовни перформанси и ентетриерен дизајнер и изведувач. Низ годините наназад организатор е и ликовен координатор на најпознатите кавадаречки ликовни колонии, а моментално ја координира Меѓународната ликовна колонија “Хотел Фени“ во Кавадарци, која годинава успешно се одржа по шести пат.

Член е на ДЛУМ, еден е од основачите на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци, чиј актуелен претседател е во моментот. Живее и работи во Кавадарци како самостоен ликовен уметник.

 

Додади коментар