Од полноќ повисоки цени за бензините и дизелот

Малопродажната цена на бензините и дизелот од ноќеска на полноќ се зголемуваат од половина до еден денар за литар.

Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, новата цена на Еуросупер БС-98 и Еуродизелот ќе биде повисока за половина денар и ќе изнесува 80,50 денари, односно 67,50 денари за Еуродизелот. Малопродажната цена на Еуросупер БС-95 и Екстра лесното масло за домаќинство се зголемуваат за еден денар за литар, така што новите цени ќе изнесуваат за Еуросуперот 79 денари, а за Екстра лесното  56,50 денари. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,716 денари за килограм и ќе изнесува 41,517 денари.

Просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-то дневен период изнесуваше 103,35 долари за барел и е за 2,26 отсто повисока од просечната цена на сурова нафта (101,066 долари/барел) по која беа формирани тековните цени на нафтените деривати.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот 14-то дневен период изнесуваше 47,15 денари за долар и е за 0,2 отсто понизок од курсот на доларот (47,2534 ден/долари) по кој беа формирани цените.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот четиринаесетодневен период бележат зголемување кај бензинот во просек за околу 2,18 отсто или за 20,02 долари за тон, кај дизелот зголемување во просек за околу 2,23 отсто или 18,62  долари за тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 2,29 отсто или за околу 13,25  долари за тон.

Додади коментар