Од полноќ почнува изборен молк
12-07-2020 РЕГИОН

Вечерва на полноќ почнува изборен молк, кој ќе трае до среда до 21 часот, кога ќе се затворат избирачките кутии. Утре почнува гласањето, кое за прв пат поради коронавирусот ќе трае три дена под посебно утврдени  здравствени протоколи.

 

Право на глас имаат 1.814.263 граѓани. 716 лица кои се позитивни на Ковид 19 или се во самоизолација гласаат утре, во своите домови, со асистенција на медицински работници. Во вторник, ќе гласаат 8,852 стари и изнемоштени лица, но и оние во старечките домови, како и лицата кои се во затвор или домашен притвор.

 

Во среда ќе гласаат сите останати лица, распределени во 3,390 избирачки места во земјава. Избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а за прв пат, гласањето ќе трае два часа повеќе, односно до 21 часот. Сите граѓани кои ќе излезат на гласање, мора строго да ги почитуваа правилата. Пред гласачкото место секој гласач ќе мора да оддржува соодветно растојание од 1,5 до 2 метра. На влез лицето ќе мора задолжително да ги дезинфицира рацете. Откако ќе влезе, на соодветно растојание накратко ќе мора да ја извади маската, за да може членовите на избирачкиот одбор да го идентификуваат. По гласањето, повторно задолжително ќе мора да ги дезинфицира рацете. Носењето маска е задолжително, а ракавици не.

 

Ова се десетти парламентарни избори во независна Македонија, односно петти предвремени избори. Граѓаните ќе можат да гласаат за кандидатските листи на 16 коалиции и партии со вкупно 1.560 кандидати. Денес е последен ден од изборната кампања на партиите.



Додади коментар