Пожар во с.Сопот: Варел ракија и ја заборавил „опашината“ покрај казан

По бербата на грозјето, сега е период на варење ракија во тиквешијата. Речиси во секој двор се поставува казан за ракија, а се обезбедува и материјал со кој ќе се вари ракијата. Од против пожарната единица Кавадарци денеска со апел до сите граѓани да бидат внимателни во овој процес, бидејќи невниманието може да биде сериозна причина за пожар.

 

Синоќа во селото Сопот изгореле делови од работилница и казарница, токму поради невнимание на нивниот сопственик кој варел ракија.

 

Пожарот се случил после полноќ и пламените јазици зафатиле дел од работилницата и казарницата. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите избегнат е посериозен пожар, бидејќи во непосредна близина се наоѓале и други објекти и куќата на сопственикот.

 

„Интервениравме со две противпожарни возила и четворица пожарникари, а имавме помош и од противпожарната единица на компанијата „Кожувчанка“. Тие интервенираа со едно возило и двајца пожарникари, а на помош пристигнаа и колегите од Неготино со едно возило и двајца пожарникари“ информираше денеска командирот на кавадаречката противпожарна единица, Илчо Богевски.

 

Според првичните сознанија пожарот настанал поради невнимание. Сопственикот откако завршил со варењето ракија ја оставил опашината до казанот во кој сеуште имало оган, а во непосредна околина имало и дрва. Од ветерот се разлетале искри од огнот во ракијата и избил пожар.

 

Овој случај, велат пожарникарите треба да биде сериозна опомена до производителите на ракија да бидат присебни и крајно внимателни за да се избегнат пожари. Да ја соберат сварената ракија како и дрвата и останатиот лесно запаллив материјал. Исто така се апелира и за проверка на старата електрична инсталација во домовите и во помошните објекти.


Ангел Данов

Додади коментар