Почнуваат подготвителните теренски работи за реконструкција на водоводот во Неготино
10-12-2015 РЕГИОН

Од утре стартуваат подготвителните теренски работи за започнување на реконструкцијата на водоснабдителниот систем во Неготино на улици во должина од 8 километри за што неодамна градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов го потпиша и договорот со фирмата изведувач.

 

Бидејќи станува збор за градежни работи кои имаат специфичен карактер, односно ќе се работи на сечење на асфалтот, ископ на улици и тротоари каде што минува водоводната мрежа и изработка на ревизиони шахти, а движењето по улиците ќе биде отежнато, општина Неготино навремено ќе ги информира граѓаните за тоа на кои улици во градот во определен период ќе се изведуваат градежни работи. Така, од петок се започнува со подготвителните работи на улица Енгелсова во должина од околу 200 метри, а работите се очекува да се одвиваат најмалку во наредните 20-тина денови.

 

Токму затоа, се информираат жителите кои живеат на споменатата улица да ги извадат своите автомобили, трактори, приклучна механизација и други превозни средства за да можат истите да ги користат за времетраењето на изведувањето на работите. Како работите ќе се префрлуваат на други улици, стручните лица од Одделението за односи со јавноста благовремено ќе ги информираат граѓаните, со единствена цел работите да се одвиваат во најдобар ред и да не се создаваат проблеми на населението - информираат од Службата за односи со јавноста при општина Неготино.

Додади коментар