Правила на кои забораваат возачите и се случуваат несреќи!

 

Сообраќајните незгоди најчесто се последица на непочитување на сообраќајните правила и прописи, како и непочитувањето на поставената сообраќајна сигнализација. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување до возачите за дел од сообраќајните правила и прописи кои многу често не се почитуваат од страна на возачите, а кои се особено важни за безбедноста во патниот сообраќај.

 

   Безбедно растојание. Возачот е должен да го управува возилото на оддалеченост од другите возила што учествуваат во сообраќајот, која одговара на брзината на движењето на возилото и другите околности на сообраќајот, при што со таа оддалеченост од другите возила не се предизвикува опасност и не им попречува на другите возачи при движењето. Со други зборови, доколку возите „ залепени“ до возилото пред вас, сообраќајната незгода е неизбежна при нагло запирање или свртување на возилото пред вас. Затоа, држете безбедно растојание, прилагодено на брзината со која се движи вашето возило.

    

   Користење на трепкачи. Возачот на возилото е должен при поместување на возилото надесно или налево, промена на сообраќајната лента, престигнување, обиколување, запирање, свртување надесно или налево, полукружно свртување, пред повторно вклучување во сообраќај и слично, јасно и навремено да ги извести другите учесници во сообраќајот за својата намера давајќи им знак со помош на покажувачите на правецот (трепкачите). Доколку не користите трепкачи и не им сигнализирате на другите учесници во сообраќајот за вашата намера и вашето дејствие во сообраќајот, се изложувате себеси и другите учесници во сообраќајот на голем ризик и голема опасност. Затоа, редовно и навремено користете покажувач на правец – трепкач.

    

   Возење наназад. Возачот кој има намера да се движи со возилото наназад, може да го изврши тоа дејствие само на краток дел од патот, доколку со тоа не го загрозува или не ги попречува другите учесници во сообраќајот. Кога возачот се движи со возилото наназад, должен е да ги вклучи покажувачите на правци, да ги пропушти сите возила кои се движат зад него и да се движи по онаа страна од коловозот по која се движел дотогаш со возењето нанапред. Возачот не смее со возилото да се движи наназад доколку прегледноста е недоволна, односно доколку патот е во услови на намалена видливост.

    

     Непрописно престигнување на колона на возила. Возачот не смее со возило да започне престигнување или обиколување колона на возила. Под колона на возила, се подразбира три или повеќе возила кои се запрени или се движат едно зад друго во иста сообраќајна лента и во иста насока. Пристигнувањето на колона со возила покрај тоа што е непрописно, е ризично и опасно однесување во сообраќајот.

 

   Непрописно престигнување. Возачот не смее со возило да започне престигнување или обиколување доколку возачот кој се движи зад него започнал престигнување или доколку возачот кој е пред него на истата сообраќајна лента дал знак дека има намера да го престигне или обиколи возилото што е пред неговото возило или да обиколи друга пречка на патот.

    

     Престигнување пред пешачки премин. Возачот не смее да престигнува друго возило кое се приближува кон обележан пешачки премин, кое преминува пешачки премин или кое застанало заради пропуштање на пешаци на тој премин. Престигнувањето во близина на пешачки премин ја загрозува безбедноста на пешаците во сообраќајот.

    

   Прскање пешаци и велосипедисти. Возач кој се движи со возило по коловоз на кој има вода, должен е да го приспособи возењето со цел да не ги прска пешаците, возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, итн.

    

   Технички неисправно возило. Возачот чие возило заради техничката неисправност не е во состојба да ја следи утврдената брзина на движење на возилата на патот и со тоа го попречува нормалното одвивање на сообраќајот, а притоа не постојат услови за негово безбедно престигнување, е должен да вози по крајната десна страна на коловозот, а доколку и тоа не е доволно, должен е да го запре возилото на првото погодно место надвор од коловозот за да ги пропушти возилата што се движат зад него. Во ваква ситуација, возачот на технички неисправно возило, исто така е должен да ги вклучи сите покажувачи на правецот за време на возењето и паркирањето на возилото.

 

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до возачите максимално да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не се впуштаат во нивно слободно толкување и „ дозволено прекршување“   затоа што безбедноста во сообраќајот бара дисциплина и максимална одговорност.

Додади коментар