Прва неготинска-поетска вечер
08-09-2015 КУЛТУРА

Синоќа во манастирот  „ Свети Ѓорѓи “ во Неготино се одржа првата Неготинска поетска вечер. Овој настан за прв пат се одржува во Неготино, а беше во организација на Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ од Неготино.

„ Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ од Неготино ова манифестација ја организира по повод државниот празник 8 септември , а е во насока на продолжување на традицијата и промоцијата на вистинските културни вредности. Овој настан имаше регионален карактер на кој учество земаа десетина поети од Неготино, Кавадарци и Демир Капија кои со по три свои поетски творби се претставија пред публиката, а поетско читање беше пропратено со сентиметална музика. На крајот манифестацијата заврши со заедничко дружење во дворот на манастирот Свети Ѓорѓи. Се надевам дека и во иднина оваа манифестација ќе продолжи и ќе стане традиционална “- вели директорката на неготинскиот Центар за култура Мирјана Јованова.

По секоја прочитана творба Емилија Филипова Кабранова на пијано и Менка Богоевска на виолина изведуваа по една арија, а бројната публика уживаше во истата. Оваа манифестација за отворена ја прогласи директорката на Центарот за култура Мирјана Јованова, а по завршетокот на истата на сите учесници им додели благодарници за учеството на оваа прва а воедно и не последна неготинска вечер. Во знак на благодарност, тројца учесници на директорката Јованова и подарија и книги во кои се содржани нивните лични творби. Неготинската публика уживаше повеќе од еден час и задоволна и полна со енергија го напушти манастирксиот комплекс Свети Ѓорѓи со надеж дека следната година ќе може повторно да ужива во оваа манифестација со поголем број поети од регионот па и пошироко.

Маја Алексовска

 

 

Додади коментар