Предупредувачки протест на земјоделците од Тиквешијата
25-04-2017 РЕГИОН

 

Половина час, денеска на пладне, земјоделци од Тиквешијата го блокираа патот Градско – Прилеп кај Росоман. Тие како што рекоа, излегле на предупредувачки протест. Ако не им се исполнат барањата во најкратко време, се заканија дека протестите можат да ги радикализираат. Обвинија дека се заборавени од државата. Принудени се да преживуваат без пари, без исплатени субвенции и реколта се приморани да го одржуваат производниот процес и од новата реколта, но повеќе немале ниту трпение, ниту пари за да работат.

 

„ Се одлучивме на мирен предупредувачки мирен протест со кој сакаме да го кажеме нашиот револт од катастрофалните состојби во земјоделството. Се соочуваме со неисплатени субвенции, мрзнење на овошните и лозовите насади и неисплатено грозје од претходните реколти. Ситуацијата во државата не ни е за протести и затоа само како предупредување најавуваме дека протестот на земјоделците може да се радикализира“ рече Благој Соколов од Кавадарци.

 

На протестот меѓу присутните имаше и регистрирани земјоделци кои пред новинарските екипи се пожалија на маките со кои се соочуваат.

 

Драган Петров - регистриран земјоделец од Кавадарци рече дека земјоделците се борат за парче леб. „И да кажеме дека се бориме за голо парче леб – никој не верува во тоа. Во мат позиција сме. Сакам да го прашам бившиот премиер кој за велигден бил на манастир. Кога сите ние се бориме за парче леб и колнеме, дали нашите клетви се рамни на нивните молитви. За што се молат тие? – праша Петров и побара од државата да им бидат исплатени час поскоро ветените субвенции. „Ако не и требаме на државата ние земјоделците нека кажат. Јас на мои 54 години сум спремен да заминам од Македонија и да оставам се. Вака не бива ништо од Македонија. Субвенциите се дадени строго на партиски членови. Јас мислам дека предност треба да имаат регистрираните земјоделци бидејќи тие живеат од земјоделство, а не прво луѓе кои се вработени и земаат плати од буџетот и дополнително работат земјоделство“ рече Петров.

 

Земјоделците кои протестираа добија подршка и од советничката група на СДСМ во кавадаречкиот совет. Советникот Горан Белевски побара вонредна седница на советот. „ Јавно бараме од градоначалникот и претседателот на советот итно да се свика вонредна седница на советот со единствена точка на дневен ред, формирање на комисија за проценка на штетите кои настанаа со измрзнувањето. Земјоделците оваа година се најмногу понижени. Субвенциите не им се исплатени. Резултат на тоа е блокирање на процесот во собранието за формирање на нова влада. Земјоделците мора да бидат обесштетени.“ рече Белевски.

 

Земјоделците бараат од државата да им помогне и при откупот и исплатата на нивното производство. „Мрзнееме ние земјоделците секоја година, независно дали има или нема мраз. Нема организирано производство, нема организиран откуп, нема гарантирана цена, ниту редовна исплата. Билансот од било кое производство на земјоделецот е фиксна нула. Од година во година е се полошо и полошо. Оваа година е катастрофа. 10 илјади лозарски фамилии има во Тиквешијата. Ако тие не знаат и не си го ценат својот труд нема што да бараат од државата“ рече лозар од кавадаречко.

 

Милкова Гева се пожали на пропаднати пари за предадениот род во 2012 година, неисплатено ланско грозје и неплатени субвенции за овоштарство. „Владата да побара откупувачите да ни го платат грозјето. Од „Винеа“ во 2012 година ми пропаднаа 2500 евра. Ланското грозје 40 илјади денари повторно не ни е исплатено. За лозјето ги земавме субвенциите, а сеуште не ни се исплатени за праските. Сега имаме измрзнување и на лозовите и на овошните насади“ рече Милкова.

 

Проблемите со кои се соочува Горан Ристиќ, регистриран земјоделец од неготинското село Тимјаник исто така ги сподели со јавноста. „Имаме неисплатено грозје, неисплатени субвенции. Јас сум регистриран земјоделец и со девет членото семејство сите чекаме само од лозарство. Имаме 70 декари лозје. Работиме сите. Околу 70 отсто од лозовите насади измрзнаа измрзнаа целосно. Бараме да ни се исплатат субвенциите, да се формираат комисии за проценки од измрзнување и да можеме некако да бидеме обесштетени“ рече Ристиќ. Запрашан, како преживуваат без пари од единствената дејност со која се занимаваат одговори: „Да не си во наша кожа. Со плата е тешко, а без плата никако не се живее“

 

Ангел Данов

urednik@ktv.mk 

Додади коментар