Реакција на градоначалникот Ванчо Апостолов за стратегијата за бегалци на МТСП
09-08-2017 РЕГИОН

Неодамна, за време расправата на Собраниска комисија и преку медиумите, го изнесов мојот став дека за мене како градоначалник и за граѓаните на општина Неготино кои ги претставувам е крајно неприфатлива и штетна Стратегијата на Министерството за труд и социјална политика и акцискиот план за прифаќање бегалци на територијата на Република Македонија.

 

Притоа, безобзирно и арогантно без никаква консултација со мене или со моите колеги градоначалници, ни се наложува без предходни сеопфатни истражувања, да се произнесеме по предлог-стратегијата. Да бидам јасен уште на почеток, ниту имам намера да одговорам позитивно на барањето на Министерството, ниту пак за волја на вистината кај мене постои рационален интерес на територијата на општина Неготино да се сместат иладници бегалци и да се градат бегалски кампови.

 

Токму затоа и бев дециден-доколку постои законска можност за тоа, во општина Неготино ќе организираме референдум на кој секој граѓанин поединечно ќе може да се изјасни дали е за или против изградбата на бегалски кампови во нашата општина. Од друга страна, по бројните негативни реакции во јавноста во однос на Националната стратегија и акцискиот план за бегалци, од Министерството за труд и социјална политика на невешт и аматерски начин се обидуваат да се „исперат“ од ситуацијата во која се доведоа објавувајќи соопштение дека Македонија ќе била само транзитна земја за бегалците и дека во нашата земја нема да се градат бегалски кампови.

 

Не ми е јасно што се обидуваат да демантира министерката Царовска под диктат на нејзиниот шеф Зоран Заев, бидејќи само еден површен поглед на текстот на Националната стратегија јасно стои дека до 8-ми август (вчера) општините до Министерството требаше да достават мислење за стратегијата за бегалци, а во истата стратегија недвосмислено се наведени сите бенефиции кои ќе ги добиваат бегалците кои би се сместиле во Македонија како што е добивање државјанство, обезбедување социјални поволности какви што впрочем немаат ниту нашите сограѓани, можности за вработување и слични небулози за чија реализација ниту многу побогати држави финансиски не би можеле да го издржат тој товар.

 

Најдобар пример за ова што го велам е последната информација дека Владата на Германија во кој беа сместени најмногу бегалци донесла одлука за нивна депортација во првата земја од Европската унија од која дошле-во случајов Република Грција. На крајот на краиштата, во ова што го говорам може да се увери секој еден граѓанин со разгледување на Националната стратегија и акцискиот план за беглаци кој е објавен на мојот фејсбук профил Ванчо Апостолов , да ја прочита истата и да се запознае со нејзината содржина и самиот да донесе заклучок за штетноста од предвидените активности во оваа таканаречена стратегија.

Додади коментар