Утре започнува екстерното тестирање

Од утре (понеделник) до 8 јуни во основните и средните училишта во земјава ќе се спроведува првото екстрено оценување. Целта е да се провери колку наставниците се објективни во вреднувањето на знаењата на учениците.

Околу 200.000 основци и средношколци електронски ќе одговораат на тестови по два предмета, а опфатени се 15.000 наставници. Учениците пред две недели беа информирани по кои два предмета ќе бидат тестирани.

Тестот трае 60 минути и за тоа време ученикот треба да одговори на 30 прашања. За секое ќе добие по четири понудени одговори, од кои ќе избере еден. Има можност да се наврати на некој одговор за да го поправи ако се премисли. Подготвени се 55.000 прашања по различни предмети од материјалот што е изучен во текот на учебната година. Ученици во еден клас или одделение може да бидат тестирани по различни предмети.

Изземени од електронско тестирање се матурантите зашто ќе полгаат државна матура (на 8-ми и на 11 јуни) и учениците од прво, второ и трето одделение кои се оценуваат описно. Според правилникот за спроведување на екстерното, наставниците кои предаваат од прво до трето одделение треба да имаат досие за ученикот со негови трудови (контролни тестови, писмени задачи, цртежи) за да ја докажат објективноста на оценката. Доказите како инструменти во екстерното оценување ќе важат и за вештините, т.е. физичко, ликовно, музичко и техничко образование од четврто до деветто одделение, и за практичните предмети за ученици во средното стручно образование.

Оценките кои ученикот ќе ги добие по двата предмета од екстерното тестирање ќе бидат впишани во свидетелството и ќе влијаат на неговиот вкупен успех. Во свидетелството ќе стојат и оценките кои по тие предмети ученикот ги добил од наставникот. Оценките од екстерното се внесуваат во свидетелство за учениците да бидат засегнати од тестирањето.

Долгорочно, целта на екстерното е учениците да добиваат оценки реални на нивното знаење, а наставниците да бидат заштитени од притисоци на родители да поправаат оценки. Наставниците кај кои ќе има отстапувања меѓу оценката што ја дале и онаа од тестот ќе бидат советувани, а тие со големи отстапувања ќе добијат помала плата.

Есктерното оценување беше најавувано четири години. Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар работеа на функционалноста на софтверот за електронско тестирање која беше проверена на неколку пробни тестови во училиштата.

Додади коментар