Уште една лоша година за земјоделците?
11-05-2016 РЕГИОН

Дали и оваа година може да се карактеризира од поглед на временските прилики слична како 2014 година, кога земјоделството имаше сериозни штети поради болести? Ова е прашањето што често си го поставуваат земјоделските производители, сооглед на честите промени топло ладно, особено во текот на денот и ноќта.

 

Познавачите на аграрот велат дека не станува збор за иста година, бидејќи оваа година е со далеку помал воден талог. Во 2014 година во првите три месеци од годината  имаше над 200 литри по метар квадратен врнежи.

Проф. Д-р Ристо Вучков вели дека растенијата се соочуваат со сериозен стрес поради температурните амплитуди и дека вегетативниот старт е во услови на помала влага во почвата.

 

„ Климатските промени си го прават своето. Повеќе од 10 степени е разликата помеѓу дневните и ноќните температури. Тоа е голем стрес за градинарските растенија, а исто така негативно се одразува и во лозарството и овоштарството. Постојат сериозни услови за развој на болести, сега е потребна вистинска примена на науката во квалитетна и навремена заштита“ рече д-р Вучков.

 

Прогнозата на метеоролозите  е дека нестабилното време ќе продолжи и во наредните денови. Ќе има изразено високи дневни температури и до 30 степени, а ноќните ќе бидат пониски. Утре ќе има поизразена нестабилност, најпрвин на запад, а попладне насекаде, кога на повеќе места ќе има пороен дожд (над 20л/м2), грмежи и засилен ветер. Локално е можна и појава на невреме со град. Од петок ќе следи период на ветровито време со умерен до засилен ветер од југозападен и западен правец, кој ќе биде најизразен на повисоките места и на планините. За време на викендот во попладневните часови ќе има изолирана појава на краткотраен пороен дожд и грмежи.

А.Д

Додади коментар