Јазици и годинава ќе се полагаат за државна матура

Матурантите и годинава на државната матура избраа да полагаат јазици за сметка на математиката. И покрај повиците на институциите да се обрне внимание на овој предмет, прирачниците за учење математика со разбирање, за изготвување квалитетни тестови во училиштата, обуките на наставниците, промовирањето на техничките науки, младите се уште имаат отпор кон него.

Тоа го потврдува и годинашното пријавување за државната матура. За полагање математика се пријавиле само 2.197 матуранти, а за јазици 16.944. Оваа драстична разлика постои од самиот почеток на државната матура, но проблемот е што наместо да се зголемува, интересот за математика секоја година се намалува. Лани за математика се пријавија 2.208 матуранти, претходната година имаше околу 3.000, а тоа покажува дека математиката не е наука што ги интересира младите.

Проблем во нашето општество се и стереотипите за математиката, дека е наука која е премногу тешка, дека талентот за неа е наследен, сметаат експертите. Тие сметаат дека важна улога игра и начинот на изучување па затоа цврсто стојат на ставот  дека потребни се и промени во начинот на кој математика се изучува од најраната возраст, да им се приближи на учениците, да се обрне внимание на тоа како им се пренесува материјалот, бидејќи реално тие бегаат од математика.

Според нив таа треба да биде задолжителен предмет во сите години од средното образование, како и задолжително да се полага на матурата. Со тоа ќе им се смени мислењето на учениците, па нема да се плашат од неа.Поранешниот министер за образование и наука Панче Kралев во неколку наврати изјави дека математиката ќе ја форсира на државната матура, па дури и се размислува таа да се полага како задолжителен предмет. Kралев тогаш најави  дека проблемот со слабите резултати по природните науки ќе го решава со нови учебници преземени од Англија.

Додади коментар