„Кавадарци во објективот на старите фотографи“
15-02-2014 КУЛТУРА

На 230 страници се сместени речлисти исто толку фотографии на кои може да се види Кавадарци од крајот на 19 век, илинденскиот и по илинденскиот перио, периодот помеѓу двете светски војни и времето на повоената изградба на градот. Сето тоа е дел од фотомонографијата насловена „Кавадарци во објективот на старите фотографи“.Автори на ова мошне значајна книга која говори за историјата на Кавадарци се директорот на Музеј Галерија, Петре Камчевски и Јадран Манчев.

Камчевски е автор на дваесетина книги и над 170 научни и стручни трудови, а неговиот соработник во ова книга, Манчев е млад компјутерски дизајнер кој има техичко обликувано повеќе каталози и проспекти, а ова е прва книга. Во нивното дело има фотографии и кои се за прв пат јавно изложени, како што е црквата во Кавадарци од 1905 година, влегувањето на француската војска  во кавадаречката чаршија на 23 септември 1918 година и уште многу кои сведочат за  минатото.

На синоќа одржаната промоција од име на двајцата автори се обрати Камчевски и нагласи дека во новата монографија е претставено Кавадарци какво што сега го нема. Кавадарци  кога имало само околу шест илјади жители, градче со тесни улички низ кои тешко се разминувале и две запрежни коли.  Вклучени се фотографии од десет кавадаречки автори кои со своите фотографски апарати оставиле белег од минатото.

За делото на Камчевски и Мачев на промоцијата говореа директорот на државниот архив, Зоран Тодоровски и публицистот Мишо Китановски. И двајцата кажаа дека оваа фотомонографија има огромна важност за Кавадарци.

“Секоја фотографија со историска димензија си има и своја социолошка, културна па и психолошка компонента  која неможе да ја избегне и статиката на објективот, што го изразува духот на времето и мигот на историските случувања“ рече Тодоров.

Китановски пак, потенцира дека Кавадарци е единствениот град кој има ваква опширна и единствена фотобиографија.

 

Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов искажа задоволство од новиот труд кој говори за историското минато на градот.            

Финансиски монографијата е подржана од Министерството за култура и локалната самоуправа Кавадарци.

А.Д

Додади коментар