(ВИДЕО) Заев, најави влада за сите граѓани

 

Денеска застанувам пред сите вас, овде во салата и надвор од неа, со достојна почит кон сите кои верувавме дека Македонија ќе ја добие битката за демократијата, како и кон оние кои почнуваат да веруваат во оваа реалност, и:

Најавувам дека ќе предводам реформска Влада!

 

Ветив: на работничките од Штип, на лозарите од Кавадарци, на земјоделците од Пелагонија, ветив на дуќанџиите низ нашата држава, на сопствениците на домашните микро, мали и средни претпријатија, на лекарите и пациентите, на учениците и професорите, на пензионерите, ветив на мајките и татковците кои копнеат по децата во странство - дека носиме живот во Македонија за сите!

И да,

Три клучни темели ќе гради новата реформска Влада:

-Новата реформска Влада ќе биде посветена на економијата и живот за сите!

-Новата реформска Влада ќе биде посветена на силни професионални институции и правда за сите!

-Новата реформска Влада ќе биде посветена на Европската унија и НАТО и перспективи за сите!

На тоа се обврзувам овде, во Законодавниот дом низ којшто ќе ги носиме одлуките, пред вас народните избраници, од кои ја барам довербата за составот на новата Влада и за Програмата на новата Влада.

Ова се луѓето кои пред мене се обврзаа, а барам и пред вас и пред граѓаните да го исполнат својот збор, како што и јас го давам својот збор: Ќе работиме чесно и посветено, исклучиво за потребите на граѓаните на Република Македонија!

Ова е Програмата на новата реформска Влада на унитарна Република Македонија.

Она што е во неа напишано, со рака на срце порачувам, завет е, ќе работиме напорно, ден и ноќ да го исполниме!

Граѓаните на Македонија да живеат спокојно и квалитетно.

Република Македонија да оди напред!

Во составувањето на Програмата на новата Влада, се водевме исклучиво од принципите прифатливи за сите граѓани на Република Македонија.

Програмата на новата Влада на Македонија ги содржи принципите на предизборната програма на СДСМ, Планот за живот во Македонија, како и начелата на предизборните програми на партиите кои освоија пратеници во Собранието и кои се дел од новото парламентарно мнозинство, но има и неколку одлични работи од програмите на другите партии и партии кои немаат пратеници.

Најавувам дека Република Македонија ќе биде држава за сите граѓани.

Определени сме да градиме едно, обединето општество, кое што ќе обезбеди стабилност за граѓаните и во државата.

Ќе ја развиваме Македонија кон Европската унија и НАТО. ЕУ и НАТО се стратешки интереси на Република Македонија. Преземаме обврска целосно да ги имплементираме Итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе, кои и се дел од Договорот од Пржино.

Наша цел е почеток на преговори со Европската унија во најкраток можен рок.

Наша цел е и членство во НАТО Алијансатаво најкраток можен рок.

Главен фокус на Програмата на новата Влада е развој на економијата и кревање на животниот стандард на граѓаните.

 

Наша цел е просечна стапка на раст на економијата повисока од 5 проценти во периодот на мандатот.

Минималната плата на работниците, уште во првата година од мандатот законски ќе ја зголемиме на 12.000 денари и ќе се однесува на сите работници, вклучувајки ги и вработените во индустријата за текстил, облека и кожа. Наша цел е 16.000 денари минимална плата за работниците загарантирана со закон, до крајот на мандатот на оваа Влада.

Наша цел е до 30.000 денари просечна нето плата во Република Македонија.

 

Приоритет на новата Влада е поддршка на домашните мали и средни препријатија. Ќе создадеме предвидлива и деловна клима без притисоци и репресии. Новата Влада ќе ја зголеми за 100 пати директна државна поддршка за малите и средни препријатија. Во првата година од мандатот,ќе настојуваме таа да изнесува 20 милиони евра. Ќе го поттикнеме извозот на производи од домашни компании. Ќе ги поттикнеме сопствениците на домашните претпријатија да ги прошируваат своите производствени капацитети.

 

Владата, уште во првите 100 дена од мандатот ќе го објави вкупниот износ на сите доспеани обврски на државата и ќе изработиме план со јасни рокови за нивно плаќање. Новата Влада ќе води политики на навремено плаќање на доспеаните обврски кон претрпијатијата, со што нема да се загрозува нивното функционирање. Така ќе овозможиме услови претпријатијата да отвораат нови, реални работни места и во нив работниците да земаат повисоки плати.

Паралелно ќе работиме и на враќање на парите кај граѓаните и намалување на трошоците на живот.

Владата ќе воведе нов систем “Повеќе пари кај граѓаните“. На граѓаните ќе им се враќаат по 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки, со исклучок на данокот на луксузни производи.

Семејните буџети ќе ги зголемиме и со тоа што ќе бидат намалени повеќе давачки:

-Новата Влада ќе ја врати дневната евтина тарифа на струјата и граѓаните ќе имаат евтина струја цел викенд, а не само во недела.

-Граѓаните кои не користат парно, нема да го плаќаат.

-Ќе воведеме праведно плаќање на јавните давачки: за градинка,комунални такси и други давачки...

Кој има помалку, ќе плаќа помалку, а граѓаните со најнизок доход воопшто нема да ги плаќаат овие давачки.

-Ќе ги намалиме казните

 

-Новата Влада ќе ја укине радиодифузната такса!

-За секој да може болнички да се лекува, ќе воведеме бесплатно болничко лекување преку укинување на болничката партиципација за сите осигуреници.

-Владата ќе ги намали судските, адвокатските и извршителски трошоци и каматите!

-Новата Влада ќе ги намали за 50 проценти трошоците за комунален надоместок за куќа до 150м2.

-Владата ќе воведе студентска платежна картичка за млади, со попусти за меѓуградски превоз, за спортски и културни настани и други потреби.

-Ќе воведеме енергетски ваучаери за струја и затоплување за најзагрозените граѓани.

-Новата Влада ќе обезбеди гасификација до секој домсо што ќе се намалат до 50 проценти енергетски торошоци за секое семејство.

-За земјоделците, ќе има субвенции за нафта од 30 до 50% и за механизација од 30 до 50%. Граѓаните на кои земјодлеството им е основна дејност нема да плаќаат персонален данок.

 

Субвенциите за земјоделците ќе бидат покачени на 160 милиони евра и ќе бидат редовни.

Ако граѓаните имаат повеќе пари, тие повеќе и ќе трошат и на тој начин ќе се раздвижи економијата. Со растот на економијата новата Влада ќе обезбеди и повисоки плати во јавниот сектор.

За да ги задржиме квалитетните лекари во јавното здравство, новата Влада за време на мандатот ќе ги качи платите на специјалистите до 100.000 денари. Двојно ќе бидат зголемени платите на здравствените работници.

Ќе обезбедиме и повисоки плати за наставниците.

Што се однесува до образоването, најавивме и ќе го укинеме екстерното тестирање, а квалитет на наставата и мотивирани наставници ќе обезбедиме преку награди за наставниците и училиштата, а не казни. 

И сакам овде јавно да порачам дека е доста од реваншизми и партиски отпуштања.  Се обрзуваме на ефикасна и професионална администрација. Никој да не чувствува страв за работното место. Да не работи под притисок на партиски уцени. Ќе го решиме проблемот со државните службеници кои долго време примаат плата, а не се распоредени на работни места, на тој начин што ќе усвоиме план за нивно итно распоредување на работни места и професионални ангажмани. Една од мерките е и воведување двосменско работење во неколку клучни државни институции, од 08 – 20 часот, што ќе им користи и на самите граѓани, кои повеќе нема да мора да земаат боледувања за да завршат административна обврска.

 

Клучна цел на Владата во социјалната политика е да ја намали стапката на сиромаштија под 16 проценти во 2020 година.  Предвидувамеполитики што ќе ги извлекуваат корисниците на социјална парична помош од сиромаштија.

Пензиите ќе се усогласуваат според трошоците за живот.

Посебно сакам да нагласам дека Новата Влада ќе посвети големо внимание да ги мотивира младите да останат да живеат и работат во Македонија.

Ќе воведеме проект “Гаранција за младите“ преку којшто државата ќе овозможи на младите луѓе во рок од 4 месеци од завршување на школувањето понуда за вработување, продолжување на образованието или пракса како подготовка за вработување.

Новата Влада ќе овозможи неповратни средства за млади, од 10.000 евра, за добра бизнис идеја.

Можност за вработување на младите ќе бидат старт ап центрите што планираме да ги отвориме во сите поголеми општини, во коишто државата ќе обезбеди бесплатен деловен простор за новоосновани компании, со заеднички служби: одржување, архива, сметководство и слично.

 

Новата Влада ќе овозможи и формирање фирма со само 1 евро основачки капитал, како и поволни кредити со само 1 процент годишна камата за отворање мирко бизнис.

Со сето ова создаваме услови за нови вработувања.

 

Една од важните владини политики ќе биде рамномерен регионален развој. До крајот на мандатот ќе стигнеме до целта, еден процент од БДП да оди за рамномерен регионален развој. Тоа е некаде околу 80 милиони евра. Ќе ги зголемиме двојно парите за рамномерен регионален развој на сите осум плански региони уште во првата година од мандатот и ќе го продолжиме тој тренд на зголемување на средствата за потребите на граѓаните. Распределбата на парите до општините ќе биде правична и транспарентна.

 

Освен економски развој, најавив дека Македонија ќе биде правна држава. Најсериозна реформа ќе биде реформата во правосудството.

Се обврзувам на одговорна Влада за што ќе обезбедиме и соодветна контрола над власта.

Институциите да работат независно и професионално. Граѓаните во секое време да знаат за што се наменети буџетските пари.

Освен одговорна, ќе бидеме и отворена и транспарентна Влада.

Сите одлуки важни за граѓаните ќе ги носиме низ консултации со граѓаните и граѓанските здруженија.

Најавив дека освен економијата, приритет на новата Влада е да обезбеди владеење на правото и правда за сите. Новата Влада се обрзува дека ќе создаде услови за независен и ефикасен правосуден систем. Граѓаните заслужуваат независно, чесно и професионално судство и Јавно обвинителство. Затоа, ќе има резибор во судството според познати европски пракси далеку од рацете на политичарите.

 

Ќе  формираме специјално одделение во Основниот суд 1, во чијашто надлежност ќе бидат предметите што ги покренува Специјалното јавно обвинителство. Ќе направиме се што е во наша моќ да овозможиме институционално и целосно заокружување на случаите што сега ги води Специјалното јавно обвинителство.

Во Програмата обезбедуваме механизми на контрола над следењето на комуникациите.

Ние сметаме дека следењето на комуникациите во кривични истраги и за безбедносни намени треба да бидат одделни функции. Разузнавачките служби кои имаат надлежност во следењето на комуникациите мора да имаат јасен мандат даден со закон.

За објективно информирање на граѓаните, на што тие имаат право, ќе го земеме превид Предлогот за итни демократски реформи (т.н. Blueprint) создаден од граѓанските организации, а националниот сервис, МРТВ ќе се реформира и ќе работи независно од политички или други влијанија.

Неопходно е да го обновиме општетсвото освен на демократски и материјален, исто така и на морален план. Тоа ќе го правиме и преку негување слободна европска култура.

Новата Влада ќе промовира културна демократија којашто го промовира учеството на сите граѓани во културата и во културните политики. Културата ќе биде прогресивна, за да отвора простор за нови вредности.

 

Се обврзуваме дека ќе овозможиме соодветна употреба на јазиците на заедниците, со што ќе овозможиме сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права, без притоа на каков било начин да биде загрозен македонскиот јазик.

Новата Влада ќе предложи и нов Закон за спортот, со што ќе се обезбеди статусот сопртист, како и стабилно финансирање на спртската дејност од ценралниот и од локалните буџети. Бројот на граѓани кои сега спортуваат е 2 проценти, а нашата цел да се зголеми на 20 проценти.

Новата Влада во првите 2 години ќе инвестира 600 милиони во инфреструктура, а ќе го развиваме и туризмот.

 

Почитувани пратеници и почитувани граѓани,

Ова се само некои од предвидените мерки во Програмата на новата реформска Влада со кои сериозно ќе ги стабилизираме животот и егзистенцијата на граѓаните на Македонија. Сето ова секако дека нема да биде завршено во првите 100 дена.

Но мора да почнеме и повикувам да го сториме тоа сите заедно.

Навистина, нè чекаат сериозни реформи.

Нè чекаат големи предизвици.

Претстои сериозна работа, сериозни реформи за што секако дека главната одговорност ја презема новата Влада. Но потенцирам дека општеството е срушено и дека е потребна вклученост од сите.

Ова не се времиња за калкулации и лични интереси. Завршија тие времиња.

Ова е време на граѓанинот.

И јас сум уверен дека сите што им мислат добро на државата на граѓаните, сакаат да живеат во општество на среќни граѓани.

Тогаш сите мора да застанеме зад реформските процеси што престојат!

Ова го зборувам за сите нас кои сме овде во оваа сала, а го зборувам и за граѓаните.

Поделени не можеме ништо да сториме.

Но заедно можеме да обезбедиме иднина за сите.

Нема да биде слабост, ако како две, три и повеќе страни сме заедно.

Има работи околу кои не смееме да се надмудруваме и докажуваме.

Тоа се граѓанските и државните интереси на кои сме обврзани сите.

Граѓаните имаат право да бидат политички определени или неопределени. Тие се и различни по националност. Тоа е богатството на Македонија. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други... Но сите, сите имаат право да бидат среќни. Сите имаат еднакво право да ги растат спокојно своите деца. Сите имаат еднакво право да имаат достојна старост. Сите имаат еднакво право да имаат еднакви шанси за успех. Сите имаат еднакво право еднакво да придонесуваат во општетството. И сите треба да придонесеме кон тоа.

Затоа, сакам да порачам:

Почитувани граѓани,

Ветувам дека ќе бидам премиер на сите граѓани на Република Македонија. Ќе обединувам, нема да делам. Ќе составувам, нема да кршам. Ќе обезбедувам перспективи, нема да изолирам. Ќе бидам вашиот премиер, без разлика дали на изборите сте гласале за мене и партијата на која и припаѓам, и мнозинството во Собранието, или не. Но барам од вас почит, како што јас сакам да ве почитувам сите вас.

Почитувани пратеници,

Ветувам дека ќе го слушам секој глас, на секој еден пратеник во ова Собрание на Република Македонија. Овде се гласаат законите. Вие ја давате поддршката на Владата. Вие имате право и да ја исправате Владата кога сметате дека е потребно. Ќе ве слушам, сите. Ќе водам инклузивни политики за сите клучни прашања за граѓаните. Но барам да бидете на ниво на одговорноста и во интерес на граѓаните да ги поддржувате потребните реформи за обнова на нашата држава, Република Македонија. 

И на крајот, почитувани министри,

Ваша е одговорноста за граѓаните исто колку и моја. Не очекувајте да бидам министер наместо вас. Вам ви ја доверив таа обврска и должни сте да ја исполните кон граѓаните. Министерот не е назначен за да го прашува премиерот, туку за да предлага решенија. И јас така очекувам дека ќе работите. Секој мора да работи одговорно, отчетно, професионално.

Нула толеранција ќе имаме за криминал.

Нула толеранција за корупција.

Нула толеранција за врски.

Дојде време за Влада на граѓаните. Дојде време за институции на граѓаните. Ниедна Влада не оди против интересите на своите граѓани. И затоа, ќе бидеме покритични кон себе, отколку што ќе бидеме критични кон нашите политички опоненти.

Наш интерес се согласивме дека се интересите на граѓаните. И од овој начин на работа и на водење политика отстапки нема!

Почитувани граѓани и пратеници,

Ќе има целосна промена во начинот на водење политика во Македонија. Македонија е созреана за нов начин на водење политика. Политичарите мора да им служат на граѓаните. Тоа го правиме. И тоа ќе го правиме. Така ќе работиме.

Ова силно граѓанско општество што се изнедри, очекувам да го третираме сите како наш партнер затоа што тоа е алката со реалноста.

Сакам уште еднаш да повикам, сите да бидеме на ниво на одговорноста, и политичари, власт, опозиција, и граѓани. Пред себе имаме убава цел – живот, но и долг пат.

Заедно, имаме капацитет да ја направиме посакуваната промена.

Потребно е учество на секој во овие важни демократски процеси.

Затоа Бидете активни. Доведувајте ја вистината под прашање, за да ја објаснуваме и да се преиспитуваме. Така се зрее, така се учи. Демократијата подразбира созревање. Насушно ни е потребна општествена зрелост. Да се натрпеваруваме низ идеи. Да го остриме нашиот дух на морални вредности тргнувајки прво од својата совест. Ни требаат граѓани што размислуваат и дејствуваат, тоа е патот на прогресот и напредокот. Сите интелектуалци во нашата земја имаат обврска да се вградат во иднината на државата.

За да има такви граѓани, мора да има слобода. За да има слобода, партиите мора да ги тргнат рацете од државата.

Подавам рака кон секого! Слободниот живот мора да го почувствуваат сите граѓани. Македонија мора да биде и ќе биде држава за сите граѓани.

Знам дека има многу енергија во граѓаните на Македонија. Има креативност, посветеност и патриотизам. Има радост за промените, има и оптимизам. Повикувам на трпение, смиреност и одлучност за да ја постигнеме посакуваната цел.

Ќе работиме на квалитетен живот за граѓаните на Македонија на внатрешен план.

Ќе работиме на евро-атлантски перспективи на државата на наворешен план.

Ќе работиме на добрососедски односи со цел да градиме мостови за граѓаните и за Република Македонија.

А на граѓаните и на Република Македонија им е доста од изолација, ѕидови, предрасуди. Потребни ни се хоризонти на нови видици, таму каде што сонцето свети од сите страни и најавува живот за сите. 

Јаз знам дека овие луѓе овде, на кои јас им ја дадов довербата, ја заслужуваат и вашата доверба да водат.

Почитувани пратеници,

Барам поддршка од вас за составот на новата Влада и за Програмата на новата реформска Влада!

Очите на целиот демократски свет се вперени во нас.

Ќе завршам со зборовите на нашиот почитуван прв претседател на независна Реупблика Македонија:

...„Ќе бидеме разбрани и почитувани, а нашите интереси респектирани од светот, доколку се развиваме како демократско општество, способно да ги уредува внатрешните односи по мирен пат, развивавајки секаков вид толеранција“.

Барам меѓусебна толеранција и разбирање за граѓанските и државните интереси.

Во тоа име, барам денеска поддршка за новата реформска Влада и заедно, заедно да зачекориме во напредниот свет кон новите хорозонти на евро-атлантското семејство, таму каде што припаѓаме и како граѓани и како држава подготвена за промените што ги избра.“

Додади коментар