(ВИДЕО) Трет ден зонско паркирање во Кавадарци - Кои се првичните проблеми?
07-02-2020 РЕГИОН

Трет ден е во функција зонското паркирање во Кавадарци. Првичните анализи покажуваат дека целта за која е воведено зонското паркирање ги дава очекуваните резултати. Хаосот со паркирањето кој беше нај изразен особено во централното градско подрачје, полека се средува. Значително е намален бројот на возачите кои поради луксуз го користат своето возило и со часови узурпираат пакринг места. Во текот на целиот ден има слободни места за паркирање во предвидените зони за паркирање.

 

До нашата редакција пристигнаа бројни реакции од станарите кои живеат во станбените згради во новиот центар, каде нивните паркинзи не се влезени во зонското паркирање и сега истите се узурпираат од несовесни граѓани, кои сакаат да избегнат плаќање за паркирање. При нашата денешна посета овој паркинг беше исполнет до последно место. Како што ни рекоа станарите, во 90 отсто со возила на лица кои не живеат во тој дел од градот.

 

Иста беше сликата и со бесплатниот паркинг пред Кам маркет, преполнет со возила, додека наспроти, зонскиот паркинг речиси беше празен.

 

Кавадарчани избегнувајќи да платат за паркирање ги користат сите споредни улици во градското подрачје, попречувајќи го нормалното движење на жителите од тие улици. Ваквите проблеми се особено изразени на улицата „Блажо Алексов“ и кај старото музичко.

 

Од директорот на ЈП Паркинг Кавадарци, Тошко Дафков дознаваме дека се запознати со ваквите проблеми и најавува брзо решавање на истите. „За да се избегнат манипулациите при паркирање, започнат е процес за проширување на проектот за зонско паркирање, со што ќе бидат проширени и зоните за паркирање. За краток период во зонско паркирање ќе влезе паркинг просторот од овие згради за кои сега не се плаќа. По проширувањето на зонското паркирање и овие станари ќе можат да си закупат годишен станарски билет од 900 денари за прво возило и 1500 денари за второ возило.Прво поголемо проширување на зонското паркирање со 80 нови паркинг места ќе биде изградбата на паркинг простор во анот на ЈП „Комуналец. “ информира Дафков.

 

Првиот човек на паркинзи вели дека е задоволен од функционирањето на зонското паркирање во првите денови и истакнува дека не се бележат поголеми проблеми во работењето. Досега во системот се регистрирани 120 смс пораки испратени од граѓани чии мобилни броеви имаат забрана од операторот да користат специјални услуги или се броеви во сопственост на правно лице. 400 смс пораки пристигнале со неправилно внесени податоци. Возачите треба да знаат дека во СМС порака треба да го впишат регистарскиот број на возилото, а не да пишуваат и дополнителен текст, како старт или стоп. Без проблем, електронскиот систем за наплата покрај возачите со македонски таблици можат да го користат и сопствениците на возила со странски раблички.

 

Засега најголем е интересот за купување на билети за паркирање кои можат да се купат во сите трафики, угостителски објекти и кафулиња.

 

Ангел Данов

 

Додади коментар