(ВИДЕО) 20 години Дедо Мраз од Кавадарци ги радува гостите во својот дом - гости му дојдоа и од Црна Гора
24-12-2017 РЕГИОН

 

Новогодишната бајка во дворот на семејството Варелови во Кавадарци трае веќе 20 години. Еден месец пред доаѓањето на новата година сите членови на семејството вредно работат за да го украсат дворот со илјадници светилки , лампиони и многу други украси.

 

И годинава куќата на Дедо Мраз во Кавадарци  е полна со гости. Овде многу деца се радуваат на средбата со најпосакуваниот дедо и ги добиваат новогодишните подароци.

 

Вистински новогодишен амбиент веднаш по спуштањето на мракот. Светнуваат илјадници светилки. Дворот од куќата на Дедо Мраз секогаш е полн со луѓе, со насмеани и радосни деца.

 

 

 

Оваа куќа е вистинска радост за децата од Кавадарци, а се почесто и за децата и од други градови кои доаѓаат од други градови. Годинава кај Дедо Мраз допатуваа и основци од основното училиште „Братство и единство“ од  Рожаје – Црна Гора. Вистинска возбуда имаа и тие. Се ракуваа со дедото што дели подароци. Го разгледаа неговиот мини музеј, уживаа во прекрасно украсениот двор. Се дружеа, разговараа со Дедо Мраз, а на крај добија и новогодишни пакетчиња.

 

Ѓорѓи Варелов успешно ја игра улогата на Дедо Мраз. Пресреќен е вели, што може да ги израдува најмладите. Не ја криеше радоста што неговиот двор беше исполнет со дечиња кои дојдоа надвор од Македонија само да уживаат во новогодишната бајка.

 

„Најмалите знаат да ти допрат до срцето. Оваа година сум многу среќен. Правам 30 години брак, 20 години од стартот на ова хумано дело, а најголемата радост е добивањето на првиот внук. Дружбата меѓу луѓето е многу важна. Братство и единство треба секогаш да го зборуваме без разлика на вера и  нација.  Станавме амбасадори на Кавадарци“ рече Ѓорѓи Варелов кој со задоволство е во улогата на Дедо Мраз.

Тој на сите граѓани им порача секогаш кога имаат можност да споделуваат, бидејќи на тој начин радоста е поголема.

„Доколку имаш 100 денари биди среќен. Подари му на тој што нема. Тогаш и двајцата ќе бидете среќни“ рече Дедо Мраз.

 

Учениците од училиштето во Рожаје за прв пат се во Македонија и во Кавадарци. Беа пресреќни што можеа да ја видат куќата на Дедо Мраз, а не го криеја задоволството и од подароците што ги добија. Со своите мобилни телефони го фотографираа секој дел од куќата на Дедо Мраз.

 

Директорот на училиштето „Братство и Единство“ од Рожаје, Музафер Мујевиќ се заблагодари за гостопримството на Варелови и ја нагласи потребата од вакви дружења.

 

Благодарност до Варелови упатија и од амбасадата на Црна Гора во Македонија. Им посакаа на дечињата пријатен претстој во градот на грозјето и виното, Кавадарци.

 

Новогодишната бајка во дворот на Варелови продолжува. Овде и во наредните денови ќе бидат добредојдени сите дечиња.

 

Ангел Данов

 

 

 

Додади коментар