(ВИДЕО) Заврши Тиквешки гроздобер - Како се слави сега, а како во минатото?
05-09-2016 РЕГИОН

Изминативе четири дена во Кавадарци се одржа манифестацијата Тиквешки гроздобер, во чест на грозјето и виното кои се вековни белези на градот и овој крај. Дојдоа многу гости, се изеде многу месо на скара, а се испи и значителна количина на вино.Сега е време да се средат впечатоците од празнувањето.

 

Во саботата се одржа централната манифестација, која е белег на Тиквешкиот гроздобер, винскиот карневал.  Карневалската процесија ја предводеа кралицата и кралот на гроздоберот. По нив следуваа настапите на дваесетина маски од училиштата во Кавадарци и маски од збратимените и пријателски градови на Кавадарци од земјава и странство. Плоштадот и улиците каде се движеше карневалската поворка беа преполни.

 

 Учесниците задоволни од настапите, но кавадарчани коментираа дека „темата на домашните маски била промашена“. На едни им се допадна тоа што можеа да го видат, а други пак рекоа дека од година во година карневалот е се послаб.

 

 Годинава за прв пат општината објави јавен повик за учество на карневалски групи од општината и награди за најдобрите, но квалитетот, според мислењето на многумина го немаше.

 И годинава организаторот не обезбедил простор каде ќе можат медиумите непречено да работат  и да го овековечат овој настан. За време на карневалот беа растурени летоци во кои пишуваше „Имате пари за панорамско тркало, а немате за лозарите“. На терасата од хотел балкан беше изведена герила акција и беше поставен транспарент со иста содржина, а наспроти централната ложа каде седеа делегациите и гостите на Кавадарци беше истакнат транспарент со прашање „Што славите“?

 Карневалската процесија заврши со неколку минутен огномет.

 

Тоа е најобјективниот извештај за винскиот карневал, кој треба да биде белег на Тиквешкиот гроздобер, а дали беше, секој со свои впечаток. Коментарите кои се вртат меѓу кавадарчани се многу негативни. Речиси и нема човек кој не коментира дека годинашниот вински карневал е еден од најлошите од самиот почеток на манифестацијата и по нејзиното возобновување.

 

Општината дава пари на приватна фирма која треба да го организира гроздоберот, но она што накратко може да се опише е дека нема никаква разлика во гроздоберот, сега и претходно, кога организатор беше општината и домот на културата.

 

За потсетување, за прв пат “Тиквешки гроздобер“ се одржа во 1964 и непрекинато оваа манифестација се одржуваше се до 1981 година, а ја организираше тогашниот Агро комбинат „Тиквеш“ под покровителство на општина Кавадарци. Гроздоберот имаше пазуа се до 1996 година  кога општината направи обид повторно да го заживее, па следуваше уште една пауза до 2000 година, кога тогашниот градоначалник Панчо Минов и советот одлучија манифестацијата во чест на грозјето и виното треба повторно да се возобнови. Тоа се случи и гроздоберот ја продолжи успешната приказна.

 

На самиот вински карневал се симболично се откинуваше првиот грозд, со што на симболичен начин се најавуваше и старот на општата берба на винското грозје.  Секогаш оваа симболика ја изведуваше Богот Бахус, кој се избираше за оваа манифестација, потоа гроздот го откинуваа градоначалниците во придужба на винската кралица и крал, а минатата и ова година ваквата симболика која има големо значење за овој крај е изоставена од програмските активности. Зошто? Е тоа треба да го одговори организаторот.

 

И годинава гостите кои дојдоа на фестивал на грозје и вино никаде неможеа да си купат грозје, немаше ниту штанд каде ќе се продава вино од сите кавадаречки винарии.

 

Како и да е, парите се потрошија, бербата си тече, лозарите не се многу за празнување бидејќи десет години визбите им го земаат грозјето по иста цена, иако производните трошоци се и 100 пати поголеми. Нека е со среќа и овој гроздобер, нека се набере квалитетно грозје и да се произведе квалитенто вино.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар