35-та редовна седница на кавадаречкиот совет
12-12-2019 РЕГИОН

Без дискусија, советниците во кавадаречкиот совет и денеска во рамки на 35-та седница, дадоа негативно мислење за вршење на детални геолошки истражувања во селото Коњско. Ваквата одлука уследи по доставеното барање од министерството за економија, за произнесување на советот околу барањето за доделување концесија за детални геолошки истражувања на минерални суровини на локалитетот во селото кое е дел од општините Кавадарци и Гевгелија.

 

Не беше прифатен и предлогот на советникот Зоран Јованчев, советот да стави точка на дневен ред околу изградбата на депонија за преработка на индустриски отпад во Неготино. Тој бараше да се добиела информација од надлежни институции дали отворањето на таква депонија би имала негативни последици врз здравјето на кавадарчани. Советниците од мнозинството беа едногласни дека не е во ред да се дискутира за работи кои се однесуваат во друга општина, a исто образложение беше дадено и од правниот сектор.

 

Се иницира предлог до владата да се наложи на правните субјекти од Г1 индустриската зона, како што е Еуроникел во Кавадарци, да плаќаат надомест на општината по тон преработена руда, бидејќи ваквиот правен субјект прави поголеми штети по инфраструктурата, а за возврат општината не добива ништо.

 

Советот едногласно даде поддршка и го одреди за приоритетен проект за реконструкција на речното корито на реката Луда Мара од мостот „Слога“ до зградите „Силекс“. Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека проектот ќе чини 22 милиони денари од кои 7 милиони се обезбедени од Центарот за развој на  Вардарски плански регион, а останатите од буџетот на општината.

 

Едногласно советот донесе одлука за реконструкција на водоводната линија, одвојување на атмосферската од фекалната канализација со комплетно асфалтирање на улицата „Клинска“, а се усвои и правилникот за определување на обврските и одговорностите на администраторот на информацискиот систем во општината и овластените лица за видео надзорот. Едногласно се донесоа тарифникот за надоместок за користење на училишните спортски сали, повеќе одлуки кои се однесуваат на работењето на ЈП Комуналец.

 

Советниците Божанка Минова и Никола Трендафилов искажаа повеќе пофалби за работењето на Комуналец, нагласувајќи ја подобрената хигиена во градот, високите приходи во претпријатието, домаќинското работење и зголемените зелени површини.

 

Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека е одобрена локација за петта мини хидро централа во ЈП Комуналец, дека следната година ќе се отпочне постапка за изградба на нов зелен пазар.

 

Советот едногласно го усвои извештајот за работење на ЈП „Јасмин за третото тромесечие и програмата за работа за следната година. Прифатена беше и програмата за работа на ЈП Паркингг и правилникот за плати и надоместоци во ова јп. На седницата едногласно се усвоија извештаите за работа на Советот за превенција на град Кавадарци и општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и нивните програми за работење во следната година.

 

Ангел Данов



Додади коментар