Вчерашното невреме причини поголеми штети
15-06-2017 РЕГИОН

 

Силно невреме проследено со пороен дожд, силни и чести електрични празнења и силен ветер вчера попладне го зафати Кавадарци и околината. Локално имаше и врнежи од град.  Од невремето поплавени беа улиците. Повеќе подруми се наполниле со вода, а низ градот на повеќе локации имаше искршено гранки од дрва,а некаде искорнати и цели стебла. Гром удрил во дрво во паркот „Полана“.

 

Повеќе граѓани не информираа дека подрумските простории им се наполнети со вода од фекалната канализациона мрежа. Реагираа жителите од улицата „Јован Планински“ каде атмосферската вода ги полнела подрумите, па жителите од оваа улица морале сами да се справуваат со водата. Кал и камења ја наригаа улицата „Ристо Џондев“ во Ваташа каде жителите кажуваат дека проблемот е поради неисчистен таложник кој е направен за прифаќање на атмосферски води.

 

 

Од прес службата на општина Кавадарци бевме информирани дека во текот на невремето и по завршувањето екипи на ЈП Комуналец интервенирале на терен за расчистување на паднати дрвја. Најмногу вода и при овој пороен дожд се насобра на Северен булевар каде буквално неможеше да се помине со автомобил на овој потег.

 

Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов во вечерните часови бил на терен да ги согледа штетите од невремето. Во телефонската изјава за КТВ нагласи дека општината им стои на располагање на сите граѓани кои претрпеле штети од невремето да им биде исплатен надомест како обесштетување. Панов апелираше до сите кои извршиле приклучување на „диво“ во канализационите мрежи на буките веднаш да ги отстранат за да не доаѓа до избивање на канализационата мрежа.

 

 

Од општината дознаваме дека денеска до пладне во нивните служби штета пријавиле само тројца кавадарчани, а единаесет пријави за штета се евидентирани од невремето на 23 мај.

 

Променливо облачно, во јужната половина на места нестабилно со пороен дожд и грмежи e прогнозата од синоптичарите. Поради спуштање на постудена воздушна маса, позначителна нестабилност се очекува кон крајот на денот кон сабота. Во сабота во текот на денот ќе биде претежно облачно со засилен северен ветер и со повремени врнежи од дожд со ретки грмежи, пообилни во западните делови. Засилен ветер и пониски температури ќе има до понеделник, а во недела можен е слаб дожд.

 

Ангел Данов

 



Share

Додади коментар