Заев: Одговорноста на граѓаните и функционалниот даночен систем обезбедија раст на приходите за поквалитетни услуги за граѓаните

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, учествуваше на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на даночници и на даночиот систем во Република Македонија.

 

 

 

Денот на даночниците, утврден според датумот кога пред 71 година беше воведен даночниот систем на Република Македонија, е признание за втемелениот труд и посветената работа на даночните работници.

 

Во чест на таа ваша значајна општествена улога, дозволете ми од името на граѓаните на Република Македонија да ви го честитам денешниот ден и да ви посакам успешна работа и во иднина.

 

Плаќањето на даноците и другите обврски значат - ОДГОВОРНОСТ кон државата.

 

Станува збор за основната функција на државата преку која се обезбедува нејзиното нормално функционирање.

Јавните приходи ги овозможуваат јавните услуги - рече премиерот.

 

За да имаме квалитетно здравство, современо образование, за да се градат нови болници и амбуланти, нови училишта и градинки, нови патишта и инфраструктура, за да има доволно пари за пензии и плати во јавната администрација, за социјална помош и сите облици на финансиска државна поддршка, за да ни оди државата напред - плаќањето на даноците мора да биде императив како чин на заедништво, човечност и колективна зрелост.

 

За да одговори државата на обврските кон граѓаните и нивните потреби тие мора да ја исполнат одговорноста кон државата.

Јас искрено верувам во граѓаните на Република Македонија. Оваа година заклучно со октомври, бележиме одлични резултати и имаме зголемување на даночните приходи за 7% во однос на истиот период лани.

 

Овие резултати се и ваш успех - на даночните работници и Управата за јавни приходи. Сакам да ви оддадам признание за вашата одлична работа.

 

 

Управата за јавни приходи како институција којашто претставува една од најсилните алки на финансиски систем на Република Македонија за овој краток временски период од една и пол година, покажа како вистински се спроведуваат реформи и како се работи во интерес на граѓаните на Република Македонија.

 

Преку воведување на реформата Е- Персонален данок Управата за јавни приходи храбро и одлучно ја доближи Република Македонија до стандардите на работа на европските даночни институции.

 

Во спроведувањето на оваа реформа УЈП и Министерството за финансии покажаа слух и сензибилтет за отворените дилеми во јавноста и ги ослободија пензионерите од обврската за пријавување на годишна даночна пријава во наредните 7 години.

 

Достигнувањата на УЈП се многубројни. Како што сум информиран во завршна фаза е моделот за автоматски поврат и пребивање на даноци. Управата навремено и неселективно врши поврат на ДДВ на компаниите, поедноставени се даночните постапките за земјоделците, се врши навремена исплата и на државната поддршка на компаниите за исплата на законски утврдената минимална плата.

 

 

Во 2019 година, заклучно со јануари исправени сме пред заеднички предизвик – го воведуваме праведниот даночен систем.

Целта е да создадеме едно праведно фер општество кое ќе нуди еднакви можности за сите.

 

Фер е оние што заработуваат повеќе да им помогнат на оние што немаат за и тие да можат да најдат работа и да заработуваат за своите семејства и со тоа активно да учествуваат и придонесуваат во економскиот живот.

 

Финансиските средства собрани од праведните даноци во целост ќе се искористат за намалување на сиромаштијата и за активирање на луѓето во социјален ризик на пазарот на трудот.

 

Јас сум убеден дека во таква праведна и солидарна Република Македонија сакаме да растат нашите деца.

 

Дозволете ми уште еднаш да ви го честитам Денот на даночниците и да ви поскам секоја наредна година да градиме подобар даночен систем кој дава резултати за подобра економија и за подобар живот на граѓаните на Република Македонија!

 



Share

Додади коментар