Започна стечајна постапка во Фени индустри
31-10-2017 РЕГИОН

 

„Фени индустри“ доби општа забрана за располагање со имотот откако утрово Централниот регистар постапувајќи по пријава од Основниот суд во Велес објави дека е отворена претходна постапка за стечај. За привремен стечаен управник е назначен Мирослав Атанасиевски од Гостивар, а рочиштето за испитување на условите за отворање стечајна постапка е закажано за 13 ноември во Основниот суд во Велес.

 

Заради обезбедување на сè што е во сопственост на фабриката, покрај општата забрана за располагање со имотот определени се и мерките забрана за одредување или спроведување на присилното извршување или обезбедување против должникот, се забрануваат исплати од сметката на должникот, се задолжува привремен стечаен управник да го го заштити имотот на должникот со сите соодветни средства, да дава согласност на органите на управување на должникот за водење на работењето сè до донесувањето одлука за отворање стечајна постапка со цел да се избегне значително намалувањето на имотот и да се испита дали од имотот на должникот можат да се намират трошоците на постапката. Централниот регистар ги повика должниците на „Фени“ своите обврски и должникови солидарни содолжници и гаранти без одлагање да ги исполнат своите обврски кон должникот.

 

„Се задолжува должникот да му овозможи на привремениот стечаен управник да влезе во неговите деловни простории за да може да ги спроведе потребните дејствија, како и да му допушти увид во трговските книги и неговата деловна документација“ стои во објавата на Централниот регистар.

 

Вработените во „Фени“ најавуваат штрајкови и не се согласни на стечајна постапка.

 

Стечајот го иницираа Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк роуд банка АД Скопје на кои „Фени“ им должи 40 милиони евра, а има и долг кон други доверители од дополнителни 20.000 евра. Банките тврдат дека „Фени“ не е продадена на бугарскиот „Енекод“ бидејќи продажбата не може да се реализира без нивна согласност како најголеми кредитори. Нивните преговори со оваа фирма завршиле без успех и се сомневаат  дека „Енекод“ може да ги преземе обврските на  комбинатот.

 

Макфакс



Share

Додади коментар