Крводарителите од Неготино со 50, 75 и 100 крводарувања на прием кај градоначалникот
15-03-2018 РЕГИОН

 

Десеттина крводарители кои во секој момент се подготвени да даруваат од скапоцената течност која спасува човечки животи заедно со раководството на неготинскиот Црвен крст, а по повод 17-ти март-Денот на крводарителството, денеска беа примени и се задржаа во краток разговор со градоначалникот на општина Неготино Тони Делков.

 

Станува збор за дарители на крв кои досега имаат остварено 50, 75 и 100 крводарувања и имаат огромен придонес во остварувањето и надминувањето на годишните планови на Црвен крст Неготино за реализирани крводарувања, што пак Општинската организација од овој град ја сместува меѓу 10-те најдорби општини во Република Македонија.

 

Претседателот Тошко Настов го запозна градоначалникот Делков дека планот за минатата година е реализиран со 128 отсто, односно наместо планираните 654, во општинскиот Црвен крст се собрани 857 крвни единици од вкупно регистрираните 1.000 крводарители од кои активни се 500.

 

Градоначалникот Делков им честиташе на признанијата на активистите и хуманистите кои несебично даруваат крв и помагаат онаму каде истата е потребна во секое време да биде достапна , а паралелно иницираше во соработка помеѓу локалната самоуправа и Црвениот крст да се спроведе конкретен проект за едукација на населението преку трибини, дистрибуција на флаери, едукација и слично да се подигнува свеста кај нив, особено кај младата популација за значењето на крводарувањето, бидејќи тоа е еден од начините бројот на крводарители и крводарувања во општина Неготино постојано да се зголемува.

 

Градоначалникот Делков на лицата кои имаат дарувано крв 50, 75 и 100 пати им додели благодарници, а исто така, и Црвениот крст му врачи благодарница на Делков за поддршката што ја добиваат од него како градоначалник и од општина Неготино.



Share

Додади коментар