Новиот претседател на собранието го превзеде претседателскиот кабинет

Новоизбраниот собраниски спикер Талат Џафери седна на новото работно место. Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар беше негов прв гостин. Од собраниските служби велат дека работат на изготвување на потребните документи, со цел нормализација на работата на Парламентот.

 

Новоизбраниот собраниски спикер Талат Џафери денеска го презема кабинетот од неговиот претходник Трајко Вељаноски. Прв гостин на Џафери му беше амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар. Со тоа и официјално Џафери започна да ја извршува функцијата. Иако вчера му беше првиот работен ден, тој не влезе во кабинетот, бидејќи Вељаноски имаше средба со пратениците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На новинарите денеска им беше дозволено да влезат и да го снимаат Џафери на неговото работно место.

 

Од собраниските служби ни изјавија дека сега е најважно оти бил предаден кабинетот на новоизбраниот спикер и додаваат дека работат на изготвување на сите потребни документи.

 

„Тој заедно со членовите на својот кабинет и со собраниските служби работи на сите оние формално-административни работи, кои мора да бидат направени за нормално функционирање и вршење на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија. Инаку самиот чин на примопредавање беше извршен најнормално како што доликува на принципите на парламентаризмот“, соопштија од одделението за односи со јавност при Собранието.

извор: РСЕ



Share

Додади коментар