Свечена седница на кавадаречкиот совет - доделени седмосептемвриските награди и признанија (видео)
07-09-2021 РЕГИОН

Советот на општина Кавадарци по повод денот на ослободувањето, 7 ми септември, вечерва одржа свечена седница. Покрај советниците, присуствуваа претставници на институции,  установи, и од  бизнис секторот.

 

Градоначалникот Митко Јанчев се осврна на сработеното во неговиот мандат. Искажа благодарност, за како што рече, одличната соработка со советот, бидејќи сите реализирани проекти се реализирани едногласно поддржани од советот, а во интерес на сите граѓани, не зависно на која политичка партија припаѓаат.

 

„Општина Кавадарци стана отворена општина за сите граѓани. Променет е ликот на градот. Кавадарци привлече внимание на сите општини. Напорната работа е видлива на терен. Кавадарци доби целосно уреден кеј, велосипедско пешачка патека до Моклиште, реконструиран градски парк, спортски сали во ООУ „Страшо Пинџур“ и „Димката Ангелов Габерот“ во Ваташа. Го решивме долгогодишниот проблем со згрижување на децата во градинка. Се гради и целосно нова градинка. Во тек е изградбата на зелен пазар по сите светски стандарди. Реализиравме многу проекти кои ги бараа граѓаните“ рече меѓу другото Јанчев.

 

Се осврна на големиот број реконструирани улици во градот и селата, на реконструираниот стадион и влезот на ГФК Тиквеш во прва лига.

 

„Благодарност до советот. За прв пат советот функционира како едно цело. За прв пат граѓаните се на прво место, без разлика на која политичка партија припаѓаат“ рече Јанчев и упати благодарност и до сите вработени во локалната самоуправа и јавните претпријатија за одличната соработка.

 

Им порача на граѓаните да бидат горди на тоа што е направено во изминативе четири години и да го чуваат направеното и го честита денот на ослободувањето на Кавадарци.

 

Претседателот на советот, Ристо Сакалиев  истакна дека секој празник на градот е нова страница во развојот на општната.

 

„Годинава одржавме 14 редовни и три вонредни седници. Донесовме 293 значајни одлуки во интерес на граѓаните.“ рече Сакалиев.

 

 

 

 

 

 

 

 

На свечената седница беа доделени и седмо септемвриските награди и признанија.

 

   

  

Борче Стаменов го доби највисокото општинско признание за хуманата акција „Донирај компјутер“.

 

„Се надевам дека во иднина нема да има потреба од вакви иницијативи“ порача Стаменов во своето обраќање.

 

  

 Општинско признание доби и компанијата „Дрекслмајер“ за особени достигнувања во областа на стопанството.

 

Генералниот директор на компанијата Лукас Мирингер порача дека ова признание е големо признание и мотивација компанијата да продолжи да работи во Македонија.

 

За особени достигнувања во науката и публицистиката 7-мо септемвриско признание доби и д-р Лазар Нанев, претседател на Основен суд Кавадарци.

„Задоволство е да се добие ова признание од европско Кавадарци. Општината постави високи стандарди во работењето.  Кавадарци е европски град кој е број еден и во правосудната дигитализација“ истакна Нанев.

 

  За придонес во заштитата на животната средина највисоко општинско признание беше доделено и на кавадаречката противпожарна единица. За признанието се заблагодари командирот Александар Чадамов кој се осврна на значајниот напредок и модернизација на против пожарната единица во изминатите четири години. Истакна дека сега единицата располага со современа опрема, но и кадровски потенцијал.

 

Ангел Данов

 



Share

Додади коментар