Се реконструираат повеќе тротоари, се крпат и ударни дупки
27-07-2016 РЕГИОН

Општината интензивно ја реализира програмата за комунална изградба. Се работи на повеќе позиции за поплочување на тротоари , а се градат и улици, како во градот, така и во селата.  Се гради нов тротоар на улицата „Браќа Џунови“ покрај кејот на реката Луда Мара. Опфатена е површина од 800 м2.

 

Денеска на увид на градежните работи беше и градоначалникот Александар Панов. Тој во изјавата за медиумите најави повеќе проекти кои се реализираат во селските месни заедници.

 

„ Привршуваме со втората фаза од комуналната изградба, односно со она што беше останато од минатата година и она што беше планирано како втора фаза. На тротоарот на кејот на Луда Мара се реализира инвестиција од околу еден милион денари. Нема да запреме тука. Ќе  продолжиме до другиот мост кај централната градинка,  кој ќе биде реконструиран. Покрај акцентот во самиот град,  кој е 70-80% во делот на комуналната изградба,  имаме активности и по селата. Во овој момент  веќе се спремни неколку улици, со вредност од над 700 илјади денари по улица, во селото Марена и Сопот. Очекувам, овие денови да започнат и градежните работи во селото Дреново. Бидејќи од поодамна не сме имале поголем обем на комунална изградба во Дреново, одлучивме со стручните служби,  поголемиот дел од парите од Светска Банка кои се во висина од 260 илијади евра , затоа што во некои проекти не ни беа дозволени, да ги насочиме кон селото Дреново. Така, покрај пристапниот пат кој ќе го правиме со комплетно нов асфалт ќе реконструираме  и уште две големи улици во самото село. Нешто над 6 милиони денари ќе се имплементираат во селото и со тоа ќе ги завршиме оние крупни побарувања“ рече Панов.

 

Во наредните денови ќе се работи на поплочување на тротоарите и на улиците „Ќиро Крстев“. „11 бригада“, „Бел Камен“ и „Козара“.  За овој тендер се планирани 3.310.000 денари.  Ќе се поплочува и мал парк на улица „Ѓоре Брушански“, ќе се реконструираат скали на ул. „Солунска глава“. Од комуналните активности на општината во тек е продолжувањето со акцијата за крпење на ударните дупки на повеќе улици во Кавадарци и Ваташа. Со крпење ќе биде опфатена површина од 2400 м2.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар