Студентите од Архитектонскиот факултет ќе работат на проекти за поубаво Кавадарци
07-02-2018 РЕГИОН

 

Студентите на Архитектонскиот факултет со свои проекти ќе даваат нов лик на Кавадарци. Нивните предлози и идеи ќе бидат дел од идното уредување на градот. Денеска градоначалникот Митко Јанчев и деканот на факултетот д-р Огнен Марина потпишаа меморандум за соработка, токму со таа цел, младите со своите проекти да дадат поубав лик на градот.

 

„ Студентите и целокупниот капацитет на Архитектонскиот факултет ќе бидат вклучени во овој меморандум за соработка за давање студии и идеи за наши потреби. Општина Кавадарци ќе изготви приоритетни проблеми и видувања за развојот на градот и ќе ги прати до факултетот, а од факултетот ќе добиваме помош од факултетот во развојот на градот. Покрај деканот и професорите имаме и 90 студенти, гости, кои денеска ќе ни презентираат нивна визија и гледање за проблемите во град Кавадарци. Ми се чини дека е вклучен и градскиот плоштад за негово раззеленување и разубавување и вклучување на други содржини. Се надевам на успешна соработка со овој факултет бидејќи нивниот капацитет е немерлив“ рече градоначалникот Јанчев непосредно по потпишувањето на меморандумот.

 

Проекти на студентите со нивните гледања за развој на градот во делот на екологијата со повеќе зеленило, пешачки и велосипедски патеки беа презентирани во големата сала на општината.

 

 

Деканот на факултетот, д-р Огнен Марина го поздрави потпишувањето на меморандумот и нагласи дека целиот капацитет на факултетот ќе биде искористен за проекти кои ќе дадат убав лик на Кавадарци.

 

„Архитектонски факултет, од студентите и студентските проекти па се до професорите и стручните и научни студии, кои можеме да ги изработиме, демонстрираме капацитет, не само за справување со предизвиците кои ги имаат градовите во Македонија, туку и нашата посветеност заедно со локалната заедница да ги споделиме нашите знаења и искуства за да создадеме подобри градови, подобри локални заедници“ рече деканот.

 

Тој нагласи дека студентските трудови секогаш се базирани на сериозни анализи и истражувања кои се работат во текот на еден семестар.

 

„Идејата на студентските трудови, на вакви конкретни задачи, е дека тие даваат една широчина на согледувањето на можните сценарија за развој на деловите од градот. Дел од нив секако можат да бидат и реализирани и имаат поголема доза на реалност, другите се малку послободни согледувања, но мислам дека е важно кога се почнува со еден проект да се согледаат сите можности, а потоа граѓаните, градоначалникот, советот ќе ги развиваат проектите за кои сметаат дека се важни и имаат приоритет“ рече Марина.

 

 

Првиот човек на овој факултет со кој ќе соработува Кавадарци потенцира дека студените на Архитектонскиот факултет се извонредни не само како студенти туку и како креативци и автори.

 

„Ние инсистираме и тоа е и политиката на овој деканат, нивните искуства во решавањето на проблемите и предизвиците мора да бидат во соработка со локалната заедница. Улогата на архитектите, урбанистите и планерите секогаш, не е само архитектонска, не е само уметничка, туку таа е и општествено одговорна“, рече д-р Огнен Марина.

 

Тој го потенцира фактот дека Кавадарци секогаш бил во фокусот на архитектите и планерите и дека пред неколку децении професор од факултетот ги подготвувал урбанистичките планови на Кавадарци.

 

„Се разбира дел од оние точки, објекти кои се автентични во градот и кои се дел од идентитетот на градот, да ја спомнам спомен костурницата, паркот, центарот на градот, па дури би рекол и зградата на општината се предизвик и би рекол една од ретките средини каде можеме да се почувствуваме градски . Врз основа на сето тоа искуство на тој историјат на градот ние можеме да размислуваме и за иднината“ рече деканот на Архитектонскиот факултет.

 

Ангел Данов

 

www.opserver.mk

Кликни тука за повеќе: Новости
www.opserver.mk

Кликни тука за повеќе: Новости
Вестите на порталот на КТВ се за лично информирање. Не е дозволено нивно превземање без договор со телевизијата
www.opserver.mk

Кликни тука за повеќе: Новости


Share

Додади коментар