„Шарената револуција“ повторно ја обои зградата на општина Кавадарци
26-05-2016 РЕГИОН

„Шарената револуција“ нема да запре се додека ова зло не го победиме, се додека не победат правдата и слободата,  се додека правдата не важи подеднакво за сите, нема да има мир! Се додека целосно не се укине срамната аболиција, и се додека криминалците од оваа власт не одговараат за своите злодела, остануваме на улица– порачаа синоќа на протестот кавадарчани кои даваат подршка на движењето „протестирам“ и „шарената револуција“.

 

Протестот започна од новиот центар на градот. Демонстрантите се движеа по улица „Илинденска“ до центарот на Кавадарци. Повторно кон општинската зграда летаа балони со боја. За кратко време фасадата беше покриена со боите на „шарената револуција“.

 

„Погледнете какви карикатури од институции имаме денес. Уставниот суд на два наврати за две исти иницијативи се произнесува различно, со образложение вториот пат дека прават преседан. Тие прават преседан, само тогаш кога им е наредено. Погледнете го законодавниот дом на кое ниско ниво е спуштен, практично се става во улога на метла која ќе ги чисти сите будалаштини на политичкиот врв. ДПМНЕ си ја обезбедил лојалноста на своите пратеници приморувајќи ги да потпишат меници на 300.000 евра. Ова не се пратеници, ова се робови кои не треба многу многу да размислуваат со своја глава за законите што ги носат, тие се таму само да го стискаат вистинското копче на тастерот, и од време на време да прочитаат партиски говор, ништо повеќе.  Единствено нешто за што се преговара е техниката на заминувањето на фамилијата. Тие ќе прифатат се, дури и да не се најдат на листите за наредните избори, само да остане аболицијата“ рече во своето обраќање Вуке Мелов, граѓански активист.

 

Пред присутните на протестот говореше и Надица Дамова. Таа праша кои биле мотивите од кои се водел претседателот Иванов да помилува луѓе кои сториле криминал.

Ангел Данов

 

 



Share

Додади коментар