Децата од градинка денеска ја имаа можноста во рамки на едукативната работилница што ја организираше кавадаречката полиција одблизу да се запознаат со возилата кои во сообраќајот имаат првенство на минување.
Во паркот кај полицијата беа паркирани возилата на полиција, брза помош и против пожарната единица. Најмладите беа радосни што ја имаа можноста да влезат во овие возила, да го слушнат звукот на сирените.
Целта на ваквите акции, вели самостојниот инспектор за превенција, Димитар Каракулев, е децата да се запознаат со работењето на полицијата, итната медицинска помош и противпожарната заштита.
„Полицијата редовно спроведува едукативни работилници за децата од градинка и од основните училишта со цел да се едуцираат за поголема безбедност во сообраќајот. Денеска по поводот денот на полицијата децата ќе се запознаат со возилата кои имаат првенство на минување во сообраќајот“ рече Каракулев.
Тој апелираше до родителите да ги советуваат своите деца и од кога ќе се стекнат со право на управување моторно возило доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за кои учат уште од најрана возраст.

Додади коментар