ИНТЕНЗИВНО СЕ РАБОТИ НА НОВИОТ КРУЖЕН ТЕК ВО КАВАДАРЦИ
Оперативата на фирмата „Градба промет “од Кавадарци интензивно работи на изградбата на новиот кружен тек кај спојот на улицата „Блажо Алексов“ со Булевар „Видое Смилевски“.
Градежната механизација на изведувачот изврши тампонирање на дел од подлогата на една коловозна лента. Во оваа фаза од изградбата се профилира и втората коловозна лента, а полека се надзираат и контурите на идниот кружен тек.
На сегашната раскрсница кај мостот „Белка“ ќе се формира кружен тек со рабници. Согласно проектот на овој потег беше извршено вадење на стариот асвалт, се изврши спроведување подземна инсталација на сите надземни кабли, а откако ќе завршат подготвителните работи ќе следува поставување два слоја на нов асвалт.
Со ова ново сообраќајно решение ќе се подобри безбедноста во одвивањето на сообраќајот на возилата и пешаците во овој дел од градот.
СЕ ОБНОВУВА ХОРИЗОНТАЛНАТА ПАТНА СИГНАЛИЗАЦИЈА
Општина Кавадрци преку Јавното претпријатие „Комуналец“ работеше на испишување на хоризонталната патна сигнализација на семафорите кај раскрсницата на булеварот „Никола Минчев“ со булеварот „Македонија“.
Паралелно со исцртувањето на „зебрите“од пешачките премини, се исцртуваа и линиите кои го покажуваат правецот на движење на возилата.
На оваа позиција се работи на поставување бекатон коцки на пешачките острови.
Овие две позиции се практично завршна фаза од изградбата на комплетното ново семафорско сообраќајно решение, второ во новиот центар на градот.
СЕ РАСЧИСТУВА СЕВЕРЕН БУЛЕВАР
На иницијатива на општина Кавадарци и градоначалникот Јанчев, во зедничка донаторска акција неколку водечки кавадаречки фирми превзедоа активности за расчистување на дел од просторот околу обиколницата „Северен булевар“.
Се работи за акција со која на двете страни од „Северн булевар“ до спојот со булеварот „Никола Минчев“ се расчистува теренот од земја наноси и стар шут.
За оваа работа е ангажирана градежната механизација на фирмите:„Ја-Ми“ која учествува со еден багер и три камиони, потоа фирмата „ИГМ Трејд“ со два утоварачи и10 камиони, како и дел од механизацијата на фирмата „Градба промет“ со еден багер.
Според планот акцијата за расчистување на теренот околу заобиколницата треба да продолжи до мостот на реката Луда Мара.
СЕ РЕКОНСТРУИРА ЖАРДИНЕРИЈАТА ВО ЦЕНТАРОТ НА КАВАДАРЦИ
Вработените и механизацијата на фирмата „Павер трејд“ од Кавадарци работат на целосна реконструкција на жардинеријата околу јаворот пред седумкатницата во центарот на Кавадарци.
Според проектот старат жардинерија е целосно отстранета, а на нејзино место ќе биде изградена нова со дрвени клупи за седење.
По изградбата на новата жардинера просторот во неа ќе биде хортикултурно уреден, подлогата со плочките на плоштадот санирана и израмнета и побезбедна за движење на пешаците.

Додади коментар