108 години од Тиквешкото востание
19-06-2021 РЕГИОН

Tиквешкото востание претставува првиот организиран,масовен вооружен протест на населението од Тиквешијата против српската власт која ја окупирала Вардарска Македонија по повлекувањето на турските сили после Првата балканска војна во 1912 година, но воедно и прво востание во Македонија кое е кренато десет години по Илинденското востание.
За Тиквешкото востание потсетуваат од Музеј Галерија Кавадарци.
- Воспоставувањето на српската управа во Тиквешијата довела до замирање на секаква стопанска, општествена и културна дејност во овој крај. Училиштата биле затворени, а свештениците и учителите биле немилосредно тероризирани и спречувани да ја вршат нивната професија.Биле извршени неколку убиства врз голоракото население во овој крај, а тепањето и малтретирањето врз населението станало секојдневие. Српската полиција го убила Александар Видов, член на ВМРО и на општинската управа во Кавадарци, само поради тоа што изјавил дека не се чувствува како Србин, мачена била и баба Наца Пинџурова, мајка на револуционерот Димитар Пинџуров и баба на народниот херој Страшо Пинџур, била убиена и цела турска фамилија од педесетина членови. Како резултат на изразениот револт на населението од овој крај од 28 до 30 мај во село Бегниште се одржала реонска конференција на која присуствувале 60 претставници на речиси сите села од Тиквешијата, на која било донесена одлука за кревање на востание.
Тиквешкото востание е објавено на 12 јуни 1913 година во Ваташа. Бил формиран востанички штаб, составен од видни војводи кои учествувале и во Илинденското востание: Лазо Бањански, Мишо Шкартов, Коцо Сеизов, Ристо Михов, Тасе Мурџев, Тодор Камчев, Пане Измирлиев, Мело Јанев, Тодор Мицев, Глигор Линин, Ефтим Манев, Дончо Лазаров, Васил Саздов, Диме Пинџуров, Тасе Бошков, Трајче Туршијата, Јованче Шошев, Милан Анастасов, Милан Ацев, како и сите војводи на Организацијата.
Востанието почнало со сигнални огнови по селата Мрежичко и Рожден, најавувајќи ја борбата против новата српска управа кој ја заменила османлиската окупација.
На 19 јуни започнало востанието во кое земаат учество околу 200 востаници, обични граѓани кои првпат зеле пушка во рака, а заедно со четите на ВМРО околу 1000 востаници. На 19 јуни востаниците успеале да го ослободат Неготино и селата од десната страна на реката Вардар од Демир Капија до Рожден, истиот ден било ослободено и Кавадарци. Со отпочнувањето на воените дејства четите предводени од војводите Милан Ѓурлуков, Христо Чернопеев, Петар Чаулев и други започнале широки воени акции врз објекти и воени пунктови врз српските вооружени сили на територијата на Тиквешијата. Покрај Кавадарци, Неготино и Ваташа биле ослободени скоро сите села во Тиквешијата (околу 50-тина), каде била воспоставена народна власт. На општинската зграда во Кавадарци било истакнато револуционерното тиквешко знаме од 1903 година на кое пишувало ,,Слобода или смрт“ а под него ,,Тиквешки револуционерен округ“.
Слободните седум денови биле прославени со народна веселба и со собирање помош за востаниците. На 20 јуни било одржано свечено собрание на кое била избрана и градска управа составена од 12 видни кавадарчани.
Под притисок на големата српска војска предводена од Василие Трбиќ, помогната од четниците на Јован Бабунски и Јован Долгачот напомош на српската војска дошол и башибозукот на Јаја Ага Малиќ со 250 вооружени души. За кратко време биле разбиени востаничките сили кои веќе на 25 јуни биле принудени да се повлечат од заземените градови, кон селата под планината Кожуф. По задушувањето на востанието месното население во Тиквешијата било подложено на страшен терор и репресалии. Српската окупаторска војска, за да го заплаши населението на колје врзала 150 тиквешани во центарот на Кавадарци и биле оставени да висат 30 часа на сонце. Потоа заедно со уште 50 други кавадарчани биле одведени во месноста Полјаната и биле стрелани. Според нецелосните податоци биле извршени убиства и тоа во: Бесвица 28, Бохула 44, Ваташа 37, Војшанци 19, Глишиќ 3, Кавадарци 25, Кошани 17, Курија 20, Марена 4, Неготино 117, Рибарци 15, Рожден 5, Пепелиште 5, Прждево 35 или во целиот тиквешки крај 545 луѓе. Тиквешкото востание во 1913 година беше причината поради која српските воено-админастративни власти го извршија најголемиот злочин во поновата историја на народот од овој крај, убивајќи притоа повеќе од 550 мажи, жени и деца. 1000 куќи и дуќани биле запалени, 2.700 луѓе затворени а повеќе од 10.000 биле принудени да ги напуштат своите домови и да емигрираат во Бугарија. Денес Тиквешкото востание и последиците од него претставуваат најголемиот злостор врз народот од овој крај во поновата историја.
Нека им е вечна славата на сите загинати во Тиквешкото востание.

Додади коментар