Настинки проследени со покачена температура, инфекции на горните и долните дишни патишта се најчестите проблеми на кои се жалат граѓаните кај своите матични лекари во овој период кога имаме значително променливо време. За разлика од другите градови во земјава каде бројот на заболени од грип значително се зголемува, во Кавадарци не се регистрира зголемен број на пациенти со ова вирусно заболување.
„Од почетокот на сезоната досега имаме евидентирано 17 болни од грип. Во изминативе две недели се регистрирани само по еден нов случај на заболени од грип“ рече д-р Ристе Јовановски, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Кавадарци.
Возрасната граница на заболените од грип во Кавадарци се движи од 15 до 64 години. Поголемо ширење на грипот се случува за време на новогодишните и божиќните празници кога и најчесто е собирањето во затворени простории и мешање на здрави со заболени од грип.
Лекарите советуваат да ја посетите ординацијата на вашиот матичен лекар ако кашлате подолго од три недели по вирусна инфекција, или доколку кашлицата прогресивно се влошува. Доколку имате настинка лекарска помош побарајте само доколку вашите симптоми траат подолго од три недели, имате висока температура, 39 степени или повисока, забележите траги од крв во искашланото, ако чувствувате болки во градите, тешко дишете.
Исто така совет на лекарите е доколку сте здрави и во добра форма, не мора веднаш да одите на лекар ако забележите симптоми на грип. Најдобар лек е да одморате дома, да се затоплувате и да пиете голема количина на течности, велат лекарите и додават дека кога имате грип може да земете „парацетамол“ за да ја намалите високата температура и да ги ублажите болките во мускулите. На лекар треба да појдете само ако имате повеќе од 65 години, бремени сте, имате хронична состојба, како дијабетес или некое срцево заболување.
А.Д

Додади коментар