54 та седница совет Кавадарци: Ќе се гради пета мини централа на Лукар преку приватно партнерство
28-02-2017 РЕГИОН

Денеска заседаваше советот на општина Кавадарци.  Советниците ја одржаа редовната 54 седница.Едногласно беа усвоени измените на одлуката за извршување на буџетот за 2017 година, а со 11 гласа „за“ и 5 „против“ беше прифатена одлуката за отпис на застарени побарувања и обврски во буџетот на општина Кавадарци за 2016 година.

 

Советничката Милица Андова од СДСМ праша зошто било дозволено да застарат побарувањата.

 

„Вкупниот износ на долгови кои застареле се 48,6 милиони денари.  Ова знаќчи дека сите граѓани и правни лица немале подеднаков третман од општината. Некој навреме си плаќал, а некој чекал да му застарат обврските“ рече Андова.

 

Раководителот на секторот за финансии, Цанка Јованова образложи дека отпишувањето на долговите било законска обврска за изминатите години.

„Околу 19 милиони денари се неплатена фирмарина од фирми кои заминале во стечај или биле ликвидирани иако нивните сметки биле блокирани за наплата на долговите“ рече Јованова.

 

На денешната седница се даде согласност за отпочнување постапка за јавно приватно партнерство за проектирање, финансирање, изградба, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на регионалниот водоснабдителен систем „Лукар“. Градоначалникот и советниците од опозицијата со спротивставени ставови околу оваа одлука. Опозицијата смета дека многу подобро би било петата централа на Лукар да ја гради Комуналец бидејќи општината на тој начин ќе имала многу поголема корист, отколку да се се бара приватен партнер.

Советникот од СДСМ, Зоран Бањански праша дали ваква одлука би можело да биде донесена во период кога сеуште нема формирано влада.

 

„За овој проект ќе треба добро да размислиме во која форма ќе се донесе одлуката, дали јавно приватно партнерство. Јас сум да ја гради „Комуналец“ бидејќи проектираните приходи се над 44 илјади евра годишно и многу повеќе ќе добива општината за разлика ако е преку ЈПП. Четирите мини хидроцентрали остваруваат приход од над 250 илјади евра. Инвестицијата за петата централа би се вратила за три години“ рече Бањански.

 

Градоначалникот Панов образложувајќи ја одлуката за јавно приватно партнерство рече дека се работело за потег кој би и донел на локалната самоуправа дополнителни приходи. „Преку јавно приватно партнерство во општината ќе се слеваат околу 15 илјади евра годишно. Ова би било добро една локална самоуправа да прокнижи дополнителни средства“ рече Панов.

 

Со 9 гласа за и 6 против советот денеска одлучи петата мини хидроцентрала на Лукар да се гради преку јавно приватно партнерство.

На денешната седница беа донесени неколку одлуки за доделување на финансиски средства од буџетот. Полошкиот манастир ќе добие 2 милиони денари за портерно уредување. Усвоени се и измените на програмата за развој на општината, како и програмите за јавно зеленило и за управување со отпад. Прифатен беше и извештајот за реализација на програмата за изградба, реконструкција и одржување на локалните патишта. Советот ја прифати и одлуката за давање на согласност на годишен план за вработување на ЈП Комуналец.

 

На седницата не изостанаа и препукувања на актуелната тема во земјава, законот за двојазичност.  Од говорница се слушаа обвинувања кој што направил во таа насока, по што следеше пауза да се смират страстите и на крај седницата да заврши, а пријателските релации и дружењето меѓу советниците продолжија откако се исклучија камерите.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар