78 години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур
04-01-2021 РЕГИОН
Денеска, 4 јануари, се навршуваат 78 години од ѕверското убиство на народниот херој Страшо Димитар Пинџуров. По тој повод денеска повеќе делегации ја посетија спомен куќата на Страшо во село Ваташа и на неговата спомен биста во дворот на куќата положија цвеќе.

Страшо Пинџур, роден е на 5 март 1915 година во Струмица, каде што неговиот татко работи како учител. Потекнува од револуционерно семејство Пинџурови од Ваташа. Неговиот татко Димитар Пинџуров загинал истата година во близина на Криволак во месец октомври. Единствена хранителка и воспитувачка станала неговата баба Наца, на која ќе и остане приврзан до крајот на својот живот. Страшо по природа бил тивок и повлечен. Основно образование завршил во Ваташа, а нижа четирикласна гимназија во Кавадарци. По укинувањето на голем број гимназии во Македонија во 1929 година, Страшо Пинџур своето образование го продолжил во Србија, каде биле отворени специјални интернати за македонските ученици.
Во Крагуевачката гимназија се изградува како напреден младинец и револуционер. Тука започнал да го пишува својот дневник во 1933 година во кој ги потврдува неговите способности како литерат. Покрај другото тој ќе напише: ,,Јас со големо ќе умрам млад а гробот нема да ми се знае“. Ова негово претчуство и навистина се остварило.
По завршувањето на гимназијата во 1935 година се запишува на Правниот факултет во Белград. Како напреден студент се вклучува во Друштвото на напредните македонски студенти во Белград кои го формираат културно-просветното друштво ,,Вардар“ а во текот на 1936 година бил избран за негов секретар. Член е и на Акциониот студентски одбор.

Во текот на 1938 година се обидува да се префрли во Шпанија и да се бори заедно со Интернационалните бригади против фашистичката диктатура на генералот Франко. Доаѓа до Прага, но не успева да фати врска и се враќа во Белград.
Поради неговата голема активност и агитација меѓу студентите и работничката младина, во мај 1938 година бил уапсен од полицијата во Белград, осуден на шест месеци и спроведен во Истражниот затвор во Ада Циганлија.
За време на летниот распуст во 1939 година во Кавадарци по иницијатива на Страшо Пинџур, заедно со Ристо Михов, Ѓошо Бојаџиев и други истакнати револуционери ја обновуваат работата на Комунистичката партија која по 1920 година се наоѓала во илегала.
По завршувањето на Правниот факултет во 1940 година, неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемува. Страшо следен од полицијата, повторно е уапсен и спроведен во затворот во Ада Циганлија. Пред самата окупација на нашата земја пуштен e на слобода.
На 26 март 1941 година доаѓа во Скопје и заедно со Кузман Јосифовски – Питу и Мирче Ацев учествува во демонстрациите против приклучувањето на Југославија кон Тројниот пакт.
По окупацијата на Македонија се наоѓал во Скопје, каде бил назначен за инструктор на ПК на КПЈ за Македонија, а од септември 1941 година е член на Покраинскиот воен штаб, кој има задача да крене востание во Македонија против окупаторот. Страшо Пинџур бил задолжен да ја зајакне партиската структура, да формира нови месни комитети и воени штабови. Во текот на 1942 година Страшо Пинџур е член на Покраинскиот комитет, а од јуни 1942 година член е на Главниот штаб на Македонија.
Есента 1942 година разбиен е Велешкиот партизански одред ,,Димитар Влахов“, Страшо Пинџур заедно со Мирче Ацев, доаѓаат во Велес да ја консолидираат работата на партиската организација. На 18 декември се провалени во куќата на Јован Митрев и биле уапсени и спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Биле подложени на невидени инквизициски мерки со цел да ги извлечат бараните информации од нив. На сите невидени измачувања Мирче Ацев не проговорил ниту збор, а Страшо Пинџур одговорил: ,,Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас“.
На 4 јануари 1943 година на неполни 28 години во просториите на Скопскиот областен затвор како последица на силните измачувања заврши животот на еден од најголемите револуционери и политички раководители на Македонија од времето на Втората светска војна Страшо Пинџур. Била издадена наредба од бугарската полиција, истата вечер неговото тело да биде однесено во непознат правец и закопано на тајно место, до денеска не се знае каде е неговиот гроб.
На планината Кајмакчелан на 24 септември 1943 година бил формиран Вториот баталјон во Македонија, кој го добил името по големиот револуционер и борец Страшо Пинџур.
За неговата активност во организирањето на македонскиот народ за борба против фашистичкиот окупатор, како и за неговото храбро и достоинствено држење во затворот, на 29 јули 1945 година Страшо Пинџур е еден од првите прогласени народни херои во Македонија од времето на НОВ и револуција 1941 – 1945 година.
Вечна слава!
Музеј галерија Кавадарци

Додади коментар