Бројките на ковид позитивни секојдневно растат како во Тиквешијата, така и во земјава. Состојбата по се изгледа е надвор од контрола, алармираат матични лекари од Кавадарци.
„Од петокот се потполнети сите термини за ковид тестови во Кавадарци. Секојдневно се јавуваат нови пациенти кои ги имаат основните симптоми на корона вирусот, но мора да чекаат по неколку дена термин за тестирање на терет на ФЗОМ. Во петокот за триесетина минути се исполнија термините за цела недела за тестирање. Никој не сака да се тестира на приватно. Исто така загрижува и фактот дека многу од овие пациенти кои имаат симптоми, а не се тестирани, слободно се шетаат и дополнително го шират вирусот. Се почесто се прикриваат контактите кои ги имале веќе дијагностицираните позитивни, а со тоа се остава можност вирусот да се шири што повеќе“ објаснуваат лекарите.
Тие се жалат и на неискрен однос на поедини пациенти кои ги прикриваат симптомите, карактеристични за ковид 19 и создаваат висок ризик за ширење на вирусот при нивно доаѓање во ординациите. Исто така апелираат до пациентите, без потреба од лекарски преглед да не доаѓаат во ординација, бидејќи се изложуваат на дополнителен ризик.
Лекарите се децидни дека со ваков однос можно е да настане вистинска хаварија во здравствениот систем.
Дознаваме дека и за да биде еден ковид пациент хоспитализиран во ковид одделение во болница, процедурата која треба да ја помине е долга, а при тоа дополнително се создава можност позитивниот да го шири вирусот во болничките простории.
Во Кавадарци често се одржуваат и семејни прослави со голем број на гости. По социјалните мрежи кавадарчани коментираат дека многу нивни пријатели, за кои знаат дека се позитивни слободно се шетаат низ градот и во угостителските објекти. Имало случаи сигурни контакти на веќе позитивни да се појавуваат на работните места.
Во периодот од 12 до 18 октомври, за 58,1 отсто е зголемен процентот на починати лица по компликации од ковид-19 за разлика од претходната недела, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје. Пријавени се 49 смртни случаи од 16 градови. Во однос на возраста, 38 лица биле над 60 години, 9 лица на возраст од 50-59 години и 2 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 35 починати лица.
Од 12 до 18 октомври тестирани се вкупно 13.213 материјали, а регистрирани се 2.676 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 19,3% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (1.375; 51,4%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија –228,3/100.000.
Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 20,3%.
Ангел Данов

Додади коментар