И покрај тоа што секојденевно расте бројот на нови позитивни случаи на корона вирус во земјава и се исполнуваат болничките капацитети, нови рестриктивни мерки до крај на оваа недела нема да има.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција информираше дека комисијата за заразни болести одлучила да остане на сила полицискиот час од 22 до 05 часот и се очекува истиот да ги даде очекуваните резултати.
„Се наоѓаме во екот на третиот бран. Имаме постојан раст на бројот на активни случаи. Од 15 февруари до 15 март активни се 5000 случаи. 1100 болнички места се пополнети“ изјави Филипче.
Граѓаните по социјалните мрежи коментираат дека актуелната рестриктивна мерка за ограничено движење од 22 до 05 не дава никаков резултат, бидејќи кафулињата се полни се до 21 часот, а потоа и онака никој не шета, ниту пак се групира.
За нови рестриктивни мерки комисијата за заразни болести ќе одлучува во почетокот на наредната недела, откако ќе се анализираат бројките од оваа недела.
Во Центарот за јавно здравје во Кавадарци е дијагностициран еден позитивен лаборант, поради што во излоација се вработените од микробиологија и таму не се земаат брисеви за микробиолошка анализа.
Вчера во Тиквешијата беа дијагностицирани 60 нови позитивни случаи на ковид 19, а починале 4 пациенти.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев смета дека полицискиот час ги дава очекуваните резултати.
„Бројот на позитивни во Кавадарци е во стагнирање, во градинките има само 2 деца позитивни, а од вработените има 5 заразени. Во основните училиште само 9 ученици заразени, вработени вкупно заразени 7. Во средни училишта 5 позитивни ученици и 3 наставници. Во болницата има 68 хоспитализирани пациенти, со делумна кислородна поддршка. Мое лично мислење дека мерката од 22 до 05 многу вроди со плод пред се за тинејџерите. Можам да укажам дека угостителските објекти ги контролираме, групирањата не постојат и доволни се како мерки до сега“ - рече Јанчев во изјава за ТВ24.
Од 13 до 16 март во Кавадарци се дијагностицирани вкупно 132 нови случаи.
Претседателот на комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски на денешната прес конференција посочи дека и прележаните треба да внимаваат , бидејќи можат да се заразат со новите соеви на вирусот.
„Апсолутно е возможна реинфекција. Будно гледаме кој е тој процент или просек на реинфекција, тоа се 116 случаи од околу 112.000 заболени што е 0,01 процент. Тоа е релативно многу мал број од вкупниот број позитивни. Сите резултати на реинфекција се должат на непочитување на мерките или на оние лица кои мислејќи дека не можат да се заразат поради тоа што го прележале вирусот, имале втор контакт со лице кое можеби било позитивно со друг сој на вирусот“ рече Караџовски
А.Д ИЗВЕШТАЈ ОД ИЈЗ ЗА ПОСЛЕДНИТЕ 24 ЧАСА

Додади коментар